Утрински Весник
Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Го исполнивме аманетот на нашите предци – никнува нов „Центар за македонски јазик“ во Љубојно

Ljubojno2.jpg

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, Елена Јованова-Грујовска, и проф. д-р Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, денеска во преспанското село Љубојно направија увид во започнатата реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов” во „Центар за промоција на македонскиот јазик”.

„Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј од Битола со сето срце и одговорност се заложија објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и на сите просветни работници, како и во чест на оние на кои споменот на школските денови во старото училиште е повеќе од спомен. ‘Центарот за македонски јазик’ ќе биде наш заеднички паметник за кој до крајот на наредната, 2025 година, со задоволство ќе речеме – аманетот го исполнивме”, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура рече дека секогаш со радост му се враќаме на Љубојно, на ова македонско образовно светилиште, кај темелите на нашето описменување на мајчин, македонски јазик.

„Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ја има училиштето за едукација на македонскиот народ”, истакна министерката за култура. 

Таа додаде дека во изминатиот период, надлежната установа Завод и музеј – Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен Центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет.

„Овој благороден и исклучителен проект”, рече министерката за култура, „го започнавме со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти, за да ја добиеме градежната дозвола и градбата да може да започне.”

Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека со изградбата на „Центарот за промоција на македонскиот јазик”, ја искажуваме почитта кон сите учители и ученици кои на ова место се образовале уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, потсети дека тие веќе одржаа настан во дворот на училиштето, на отворањето на „25. денови на Благоја Корубин”, и одаде: „Очекувам возобновениот ‘Центар за промоција на македонскиот јазик’ да e место кое ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но, очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнување на билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост кој ќе ги обединува овие три држави”.

За реконструкција на старото училиште ,,Димитар Влахов” во Љубојно и  за негова комплетна адаптација во „Центар за промоција на македонскиот јазик”, од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари.

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош