Утрински Весник
Македонија

Кондарко: Потребен ни е нов Изборен законик, независните кандидати ќе можат да учествуваат на избори без собирање на потписи

20241002124726 big 730x400 19.webp.webp

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко вечерва истакна дека е потребен нов Изборен законик и оти тоа е крајна одлука на Собранието и политичките партии.

-Од 2006 година па навака, 19 години повеќе од 30 пати се направени измени и дополнувања на Законот. Најголем проблем со кој се соочуваме е всушност самиот закон. Нас ни треба навремено донесен еден комплетно нов Изборен законик, каде што сите чинители во изборниот процес ќе партиципираат и ќе дадат свои предлози, искуства, интерактивна дискусија со стручната јавност. Се разбира крајната одлука е на Собранието, на политичките партии, тоа е нивна одговорност. Знаеме дека Изборниот законик се носи со поширок политички консензус и тоа така треба да биде заради довербата во процесот, рече Кондарко во вечерашното гостување на „Тема на денот“ на Телевизија Сител.


Потенцира дека жали што Собранието не ги усвои измените на Изборниот законик кои, како што рече, ќе помогнеа во интерес на олеснување на работата на ДИК.

-Мене многу ми е жал што не се усвоија тие измени кои беа предложени речиси од сите пратенички групи во Собранието. Тие ќе помогнеа не само за оваа прашање, туку и за многу други прашања кои се во интерес на процесот и во интерес на олеснување на работата на ДИК, значи за технички работи. Не се работи за никакви политички прашања што ќе ја подобреа и олеснеа работата на ДИК, рече тој.

Кондарко нагласи дека независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање на потписи.

-Ние во неколку наврати уште на денот на распишување на избори, на јавна седница многу прецизно и недвосмислено ја информиравме јавноста што е во интерес на изборниот процес на навремено информирање на сите потенцијални учесници дека група избирачи ќе можат да учествуваат на изборите со поднесување на свои листи без собирање на потписи. Бидејќи Уставниот суд ги укина одредбите од законот за бројот на потребни потписи, меѓутоа правото предвидено во законот постои. Тоа никој не може да го оспори, ниту ДИК може да одлучува во врска со тоа, едноставно директно го применува законот. Правото е неспорно и ние сме сепак сериозен изборен орган кој држи до тоа што ќе соопшти во јавноста. Она што го кажавме, тоа и ќе го спроведеме. ДИК ја гарантира целосно применета на законот подеднакво за сите учесници во изборите, тоа е политички партии, коалиции, група избирачи. Сите имаат еднакви услови и критериуми. Има и други видови на услови со кои оние што сакаат да учествуваат се должни да бидат запознаени. ДИК ќе ги објави навреме. Планираме уште во текот на оваа недела на јавна седница, со оглед на новонастанатата ситуација, бидејќи во меѓувреме во Собранието не се изгласаа измените на Изборниот законик, нашиот постојан правилник за поднесување на кандидатски листи каде што се утврдени сите видови услови за кандидирање да го прецизираме, односно да го дополниме во смисла на директна примена на член 60 од Изборниот закон. Независните кандидати можат да учествуваат на изборите без собирање потписи, рече Кондарко.

Претседателот на ДИК истакна дека Правилник за собирање на потписи е еден вид на акт, а Упатството за поднесување на кандидатски листи е сосема друг вид на подзаконски акт.

-Правилникот за собирање на потписи, ние го ставивме вон сила, односно го укинавме бидејќи одредбите 61 и 62 се укинати од Уставениот суд. Кога не постои законски основ, не може да постои ниту подзаконска одредба, не може да постои ниту подзаконски акт. Затоа е укинат тој правилник. Меѓутоа, Правилник за собирање на потписи е еден вид на акт, а Упатство за поднесување на кандидатски листи е сосема друг вид на подзаконски акт. Во случајов Упатството за поднесување на кандидатски листи постои, само тоа ќе биде прецизирано во смисла на директна примена на член 60. ДИК не е законодавец, со Упатството не воспоставува ново право, не одзема ново право, не го  менува законот, не го толкува законот. ДИК има законска обврска да го примени правото дадено во законот, тоа и ќе го сториме, рече тој.

Кондарко изјави дека согласно одредбите од Изборниот законик, нема предвремена кампања затоа што, како што рече, се уште нема поднесено листи на кандидати, нема учесници во изборната кампања и нема потврдени листи на кандидати.

-Постојано се отвора прашање дали евентуално има таканаречена предвремена кампања. Согласно одредбите од член 69а од Изборниот законик предвремена кампања нема затоа што се уште нема поднесено листи на кандидати, нема учесници во изборната кампања и нема потврдени листи на кандидати. Нема основ против кој да се води некоја постапка. Согласно Изборниот законик, ДИК по службена должност не ја следи изборната кампања. Единствено може да реагира по приговор од учесник во изборна кампања. Ние се уште немаме учесници во изборна кампања и потврдени листи. Не знаеме кој ќе конкурира на изборите и на кој ќе му бидат потврдени листите, ако ги исполнува условите. Рокот за поднесување на листи е 35 дена пред избори, а изборната кампања почнува 20 дена пред избори. Во овој меѓупериод согласно законот, сите учесници дури имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на свои веќе  потврдени листи на кандидати. Предметот на заштита единствено во Изборниот законик е трошењето на државни пари, за што се надлежни да водат контрола ДКСК и ДЗР. Таму не смеат пред почетокот на кампањата, учесниците кои отвораат посебна трансакциска сметка, да трошат од тие пари и тоа е предметот на заштита, посочи Кондарко.

Во однос на Избирачкиот закон, потенцира дека ДИК го ажурира Избирачкиот список редовно четири пати годишно.

-Тој е поставен на веб-страната на ДИК. Граѓаните можат онлајн непрекинато да си ги проверуваат своите податоци. Согласно закон, податоците за Избирачки список ги доставува МВР, бидејќи таа е единствена институција во државата која го поседува регистарот на население. Откако ќе ги добиеме овие податоци, по член 43 од законот тие понатаму се обработуваат од Државниот завод за статистика. Што значи, дека избирачкиот список поминува низ повеќе институции, еден филтер на проверка. Досега не сме имале никакви проблеми со избирачкиот список. Јавниот увид ќе започне 15 дена по распишувањето на избори и ќе трае 20 дена во сите подрачни одделенија и канцеларии, прцизира Кондарко.

Околу уредите за отпечаток на прст нагласи дека откако се воведени немале никакви проблеми во функционирањето.

-И во минатите изборни циклуси откако е воведен фингер принтот во 2021 година немаше никакви проблеми во функционирањето со уредите. Ние имаме ангажирано експертска група од ИТ лица, професори, ИТ лица кои работат од МВР кои на денот на изборите и на денот на доставувањето на резултатите се грижат за одржувањето и безбедноста на системот. Ги проверуваме, ги тестираме ИТ уредите. Во наредниот период ќе се избере комплетно нов состав на избирачките одбори. Ги тестираме батериите за секој случај, сукцесивно како потрошен материјал. Ќе обезбедиме целосна функционална примена, истакна Кондарко.

Тој потенцира дека брзината на објавувањето на резултатите ќе зависи од брзината на составувањето на записниците во избирачките одбори. Се надева да нема да има никаков проблем со објавувањето на резултатите.

Можете да прочитате

ЦУК: Активни четири пожари, изгаснати осум

Ќе се препополови бројот на патувања, нема веќе работа на црно во ЕУ – ќе се бројат и кафињата во Солун

Трајановски: Детектирани се црните точки на патиштата, соодветните служби работат, во координација сме со МВР