![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/10/super-market-1-1-1-1024x577.jpg)
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите.
Според нив, ограничувањето на маржата на најмногу 10% сериозно ќе влијае врз ликвидноста и опстанокот на 86 фирми со над 4.500 вработени
„Информацијата, дека Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, а истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните, со очекување да бидат вклучени над 100 групи на производи, ја примивме со голема загриженост.
Имено, со ваквата одлука, ние како трговци, ќе бидеме ставени во ситуација, да го доведеме во прашање опстанокот на нашите компании, од причина што со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите.
Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4700 вработени. Овие податоци, како Влада сметаме, треба да Ве загрижуваат.
Нашето опстојување, е оптоварено и со останатите давачки, како на пример, цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72%, за дистрибуција 25%.Платите, во 2024 споредено со 2023 година се зголемени околу 20%, а од март ќе има ново покачување, а трошоците за платите се движат од 12 до 15%.Освен овие, да ги споменеме и другите комунални давачки, сервисирање на опремата со која работиме. Сите овие оптоварувања, немаме можност да ги издржиме со бруто-маржа од 10%, односно нема да можеме робата да ја ставиме на рафт, а не да ги услужуваме нашите потрошувачи.
Односно, со 10% бруто-маржа, не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15-20%.
Како Стопанска комора, ја оспоруваме оваа одлука, за ограничување на маржите на 10 проеценти, во целост и бараме итно, да се најде заедничко решение, за оваа состојба.
Посочуваме, да се земат во предвид и анализите, кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите“ се наведува во нивното соопштение.