Утрински Весник
Македонија

Комеморација во Собранието за жртвите од пожарот во „Пулс“ – една година од трагедијата во Кочани

Whatsapp image 2025 10 28 at 13.39.39.jpeg

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи комеморативна седница по повод една година од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Комеморацијата е дел од активностите за одбележување на годишнината од трагедијата, која длабоко ја потресе јавноста и отвори прашања за безбедносните стандарди и институционалната одговорност.


Во рамки на одбележувањето, на 14 март Владата ќе организира и Меѓународна конференција на тема „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На конференцијата се очекува присуство на претставници на државните институции, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.

Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, на настанот ќе учествуваат лекари и медицински персонал од 37 земји кои помогнаа во лекувањето на повредените по пожарот. Целта е да се направи сеопфатна анализа на институционалниот и здравствениот одговор на трагедијата – од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и идните системски решенија.

На завршната сесија од конференцијата ќе бидат презентирани и планираните мерки и системски чекори што институциите ги подготвуваат со цел унапредување на безбедноста и поефикасно справување со вакви кризни ситуации во иднина.

Во меѓувреме, за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во тек е судска постапка.

Можете да прочитате

Вечерва во „Ноќно студио“: Системот против семејното насилство

„Тиквеш“ прогласен за најдобар производител на вино од Македонија на престижниот Mundus Vini

Демаскирање на митот за „низок IQ“