
Во тивка и емотивна атмосфера, стотици граѓани вечерва маршираа низ улиците на Кочани во рамки на „Маршот на ангелите“ – собир посветен на младите животи што згаснаа во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Маршот беше организиран како чин на почит и сеќавање, но и како порака за правда и одговорност за она што се случи во март годинава, кога пожар однесе неколку млади животи.
Меѓу присутните беа и родителите на Ана, девојка од Облешево која загина во трагедијата. Тие со горчина и разочараност ја коментираа претходната комеморација, организирана од Општина Кочани и Црвениот крст, на која, како што велат, нивната ќерка и уште неколку деца од околните општини не биле ни спомнати.
„Да упатам една благодарност до Општина Кочани и Црвениот крст – организатори на комеморацијата – што ги заборавија нашите деца од други општини под изговор дека било само за Кочани и кочанско. Чешиново и Облешево се посебна општина, Зрновци е посебна општина. Брука и срамота“, изјави разочаран таткото на Ана.
Неговиот став го надополни и нејзината мајка, која објасни дека навреме доставиле сè што било побарано – фотографија и текст за Ана, верувајќи дека таа ќе биде дел од комеморацијата.
„Ако не требаше, не требало ни да не известат. Немаше ни да дојдеме“, рече таа.
Родителите упатија и остра критика до институциите:
„Кога требаше да се организира комеморација, бараат да се напише текст и слика, испратено уредно сè, и сега на крајот, нашите деца не се деца. Ако убиството се случило во Кочани, сите деца треба да се спомнат, не само кочанските. Брука невидена, какви луѓе ни седат на фотелји – пари земаат од наша мака, плати земаат од наша мака.“
„Маршот на ангелите“ заврши со минута молк и палење свеќи на локацијата кај дискотеката „Пулс“. Родителите побараа институциите да покажат повеќе емпатија, одговорност и човечност.