Утрински Весник
Балкан

Командантот на КФОР, Бардуани: Решението за безбедносните предизвици меѓу Косово и Србија не е воено, туку политичко

20241030093006 Big 730x400 29.webp.webp

Новиот командант на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, смета дека безбедноста на Косово е значително подобрена од повоениот период, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за приштинското радио К4, осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, Бардуани рече дека „конечното решение за безбедносните предизвици не е воено, туку политичко“ и ги повика Приштина и Белград да се вклучат во политички дијалог.

„Исто така, ги повикувам двете страни, институциите на Косово и Владата на Србија, да се вклучат во политички дијалог. Конечното решение за безбедносните предизвици не е воено, туку политичко. Решавањето на отворените прашања преку дијалог е клучот за гарантирање на трајна безбедност во цело Косово и за одржување на регионалната стабилност“, рече италијанскиот генерал, кој ја презеде командата на КФОР на почетокот на овој месец.

Бардуани оцени дека во светот безбедносната состојба брзо се развива и се влошува и порача дека од оваа еволуција не е исклучен ниту регионот на Западен Балкан.

„Што се однесува до безбедноста, врз основа на моите претходни искуства, можам да кажам дека безбедносната состојба во Косово е всушност подобрена во споредба со минатото. Ова е причината зошто КФОР со текот на времето го намали своето присуство. Се сеќавам дека контингентот на КФОР првично се состоеше од околу 50.000 војници на НАТО, додека денес бројот на војници е околу 4.500. Сепак, и за жал, денес живееме во свет во кој безбедносната ситуација брзо се развива и се влошува, а исто така и регионот на Западен Балкан не е изземен од оваа еволуција. Во оваа смисла, КФОР веќе го адаптираше своето присуство низ Косово, вклучително и неодамнешното распоредување на резервните сили на НАТО, со цел да продолжи правилно да ги извршува своите задачи и да ги добие сите неопходни способности што ги бара ситуацијата на теренот“, рече Бардуани.

Тој порача дека КФОР ќе ги поддржи напорите на меѓународната заедница да создаде услови за подобра иднина за сите луѓе и заедници кои живеат во Косово и да одржува отворена комуникација и дијалог.

„КФОР ќе остане составен елемент на колективните напори што ги спроведува пошироката меѓународна заедница. Значи, можам да предвидам дека дури и во блиска иднина, КФОР тесно ќе соработува со широк спектар на колеги, од Обединетите нации до Европската унија, од ОБСЕ до Дипломатскиот кор во Приштина и во Белград, од безбедносните организации во Косово до началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија. Накратко: транспарентноста, непристрасноста, посветеноста и единството на напорите ќе останат во центарот на мисијата на КФОР и ќе ги поддржуваат нашите секојдневни активности, како што е и денес“, изјави Баредани.

Можете да прочитате

Детали за експлозијата во Хрватска: Бомба му експлодирала во рака на забава – Почина 25-годишник, четири лица, меѓу кои и малолетничка, се тешко повредени

Голем протест на пензионерите во Атина

Притвор е побаран за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер