Додека фокусот на јавноста е насочен кон претседателските избори и процесот на собирање на потребните потписи за кандидатурите, политичките партии активно работат на „кроење“ на листите за пратеници во шесте изборни единици.
Во јавноста, во политичките кругови, веќе се појавуваат одредени информации околу тоа кои ќе бидат предводниците на пратеничките листи по изборни единици.
Во СДСМ, јасно е дека во првата изборна единица носител ќе биде лидерот и доскорешен премиер Димитар Ковачевски, а според инфромации во јавноста, втора на листата во оваа изборна единица би била претседателката на партијата ЛДП, Моника Зајкова.
Во втората изборна единица листата би ја предводел тандемот Сања Лукаревска – Фатмир Битиќи, додека Оливер Спасовски од втората изборна единица би се преселил во „тројката“ каде листата ќе ја предводи со министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Според се уште неофицијални информации, во ИЕ 4 првите две места на листите би биле резервирани за екс потпретседателот на СДСМ и некогашен министер за здравство Венко Филипче и за претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска.
Во петтата изборна единица се уште постојат дилеми дали првата позиција би му припаднала на сегашниот спикер на Собранието Јован Митрески или на ген-секот на партијата Миле Зечевиќ, додека втората позиција е резервирана за потпретседателката на партијата и министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Во шестата изборна единица, слично како и во втората носител ќе биде дама, односно министерката Славјанка Петровска, а веднаш зад неа претседателот на СДММ, Марко Михаилоски.
Сепак ова се се уште неофицијални информации, а крајниот збор за тоа како ќе изгледаат листите и кој се ќе биде на нив, ќе го имаат партиските тела и органи кои ќе треба да донесат конечна одлука кон средината на следниот месец.
Во тој период, очекувано е да има потврдени листи за пратеници и од останатите политички партии кои ќе учествуваат на парламетнарните избори.