
Пишува: Проф. Д-р Јове Кекеновски
Во време кога довербата во институциите е на најниско ниво, кога политичката култура е сведена на сервилност и послушност, а не на одговорност и компетентност Република Македонија мора да се соочи со една болна вистина дека дел од администрацијата и дел од функционерите се неспособни, неодговорни, недостојни или корумпирани. Ако сакаме вистинска промена, потребен ни е радикален, но правичен чекор – Воведување на систем за ветинг на сите носители на јавни функции и администрацијата.
Сведоци сме дека во изминатите децении, на раководни позиции беа поставувани лица без соодветно образование, со фалсификувани и сомнителни дипломи, без еден ден искуство во областа за која биле одговорни. Имавме пратеници кои не знаат што е закон, а што се подзаконски акти, министри кои не прават разлика меѓу стратегија и декларација, кои не разликуваат ЕУ директива од закон, директори што не можат да состават две просто проширени реченици. Имаме пратеници кои самите признаваат дека „не ги читаат материјалите за дневен ред, туку гласаат по налог“, и министри чие ниво на јазична и логичка писменост е под секое ниво.
За воља на вистината од друга страна и администрацијата (вработените во државните институции, општините, агенциите и државните служби) често претставуваат ‘тивка мрежа’ која ја одржува и потхранува корупцијата. Без вклучување на административниот апарат во ветингот, целиот процес би бил половичен и неефикасен. Има многу случаи кога службеници со сериозни злоупотреби на службената положба остануваат недопирливи и опстојуваат на своите функции со децении, менувајќи влади, министри и градоначалници.
Сакале ние да признаеме или не факт е дека една од клучните и најопасни причини за длабоката корупција и нефункционалноста на државата лежи во доминацијата и сеприсуството на некомпетентни, полуписмени или партиски послушници на високи државни позиции и во недоволно способната администрација. Корупцијата во Република Македонија не е повеќе скриен процес – таа е институционализирана. Таа има свое лице, име и функција. Од ситно мито (ситни почестувања) на администрацијата и до милионските тендери за фирми блиски до функцинерите и нивните партии, државата ни се гуши во шеми кои го јадат буџетот и ја уништуваат довербата кај граѓаните. Наместо функционерите да бидат чувари на јавниот интерес, тие преку ноќ стануваат дел од криминалните шеми и подземјето. Тоа одамна веќе не е случајност – туку тоа е систем. Систем без контрола и држава во заложништво се двете најстрашни последици за граѓаните.
Затоа, време е за сериозен Модел на ветинг кој ќе ја врати довербата во државата, кој ќе покаже дека функцијата не е награда, туку одговорност. Ќе си дозволам во овој авторски текст во кратки црти да ја скицирам идејата и основните контури на идниот Македонски модел за ветинг на функционери и администрацијата (паралелен ветинг) базиран на принципите на транспарентност, стручност и интегритет. Ваков модел би бил алатка за прочистување на институциите од некомпетентни, корумпирани и недостојни лица.
1. Кого треба да опфати ветингот? Пратеници, министри и заменици министри, државни секретари, директори на јавни институции и акционерски друштва во државна сопственост, сите функционери именувани од владата, судиите и јавните обвинители (во координација со Советите – судскиот и обвинителскиот), Уставни судии, Народен правобранител, раководители на сектори и одделенија, сектори за јавни набавки, овечки ресурси, лица кои управуваат со чувствителни ресурси или информации, советници во владата, министерствата и во сите останати државни институции. Потоа Градоначалници, советници во локалните совети како и сите останати високопозиционирани функционери на локално и др.2. Критериуми за проверка: Образование и стручност, Јавна и проверлива диплома (со код, линк, податоци од МОН).
Минимум 5 години релевантно работно искуство, јавна биографија, објавена на веб-страница на институцијата
2.1. Финансиска состојба и потекло на имот
Изјава за имот (за него и потесно семејство)Банкарски трансакции и долгови
Споредба на приход vs. реален животен стил2.2. Кривично и прекршочно досиеПреглед на судски случаи, обвиненија, изречени казни
Поврзаност со фирми што учествувале во јавни набавки
2.3. Политичка и партиска активностНе е забранета, но треба да биде транспарентна (партиски функции, донатори). Забрана за директен конфликт на интерес и непотизам
3. Кој ќе го врши ветингот? – Посебна комисија за етичка и функционерска подобност составена од: Претставници од граѓанскиот сектор (3), Универзитетски професори (3 члена), Претставници на антикорупциска комисија (2), Претставник на Стопанските комори (1), ИТ и финансиски експерт (4 = 2+2) или вкупно најмалку 13 лица.
Комисијата ќе ја избира Собранието на Република Македонија со мандат од 7 години и истата не смее да биде под влијание на политички партии или државни институции. Предлозите за кандидати на Комисијата за ветинг можат да дојдат од разни експертски асоцијации, предлози на еснафски здруженија на граѓани, на невладини организации и институции како и предлози од страна на одреден број на граѓани (30-50) за еден кандидат. Се работи за независни и стручни личности кои ќе бидат избрани според јасни и транспарентни критериуми.
4. Како ќе се спроведува процесот на ветинг?- Секој новоименуван функционер и лице кое треба да се вработи во администрацијата и пред да стапи на должност, поминува проверка (7–15 работни дена). За веќе поставените – ветингот оди по фази (приоритетно: законодавата, извршната и судската власт па потоа останатите функционери и администрацијата). Јавноста добива краток извештај за секоја проверка (дали е “позитивно” или “негативно” оценет).
5. Што со оние лица кои не го поминале ветингот? – Автоматско суспендирање од функцијата. забрана за вршење јавна функција 15 години, забрана за вработување во државните институции, почнување на истрага доколку постојат сомнежи за сторени кривични дела, право на жалба, но не и продолжување на мандатот додека не се реши случајот.