Од доаѓањето на Францускиот предлог во Собранието, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица станаа најжестоките противници на уставните измени и внесување на делови од бугарскотом но и црногорското и хрватското малцинство во Преамбулата на Уставот пишува 24инфо.
Иако уставните измени се предуслов за отворање на првите поглавја во преговорите со ЕУ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски во Собранието не дозволија отворање и промена на уставот.
Но како што се наближуваат изборите, на кои понудата е строго поделена на про и антиевропска, Мицкоски како да почнува да ја менува плочата.
Од тврдото НЕ, кое стана условено Можеби (со соодветен реципроцитет во односите со Бугарија) Мицкоски полека оди накај ДА за уставни измени.
Пред неколку денови Мицкоски во телевизиско гостување кажа дека тој и неговата партија немале проблем дел од бугарсккото малцинство да се најде во Уставот.
„Како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично, сме немале, немаме, ниту ќе имаме против, дел, оној мал дел од бугарскиот народ да се најде во Преамбулата“ изјави пред некој ден Мицкоски.
Но, како и зошто се смени наративот на Мицкоски во однос на Бугарите и уставните измени, кога не беше далеку периодот кога ВМРО-ДПМНЕ и Левица организираа насилни протести пред Собранието силно противејќи се Европскиот предлог?
За дел од аналитичарите последната изјава на Мицкоски е „измамничка“ како во однос на македонскиот народ, така и кон бугарското малцинство во државата.
„Изјаватa на Мицкоски која вели од денешна перспектива “Ние од никогаш сме немале проблем Бугарите да влезат во преамбулата на Уставот” е измамничка, нечовечка и бесчуствителна за малцинскиот народ што во оваа земја се изјаснуваат како Бугари. На Бугарите две години правеа кампања, ги нарекуваа со погрдни имиња, ги дефинираа дури и фашисти кои се одговорни за времето од Втората Светска војна. Па уште и денешната Бугарија ја поврзуваа со Бугарија на Тодор Живков и слични глупости. Правеа митинзи во главниот град Скопје со кампања наречена “Не! за Бугари”. Играа цели две години на расистички омаловажувања на Бугарите; на среде Битола запалија и културен центар на Бугарите, се сеќавате ли? Така што, такви се националисите: на туѓиот се дефинираат себе, на туѓите и малцински народи играат пропагандно и расистички. А таквите расистички пораки во основа се кривични дела за кои државата и нејзините институции треба да се свесни и спроведат ригорозни мерки кон лицата кои заговараат нетрпеливост на расна, верска и етничка припадност. Едноставно пристоен човек треба се срами за тоа кој се’ во оваа земја застапува граѓани“ вели аналитичарот Ненад Јовановиќ.
Менување на ставовите во зависност од политичките прилики
„Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него“ зборуваше пред неполни две години, а минатата година кога предлог уставните измени влегоа во Собрание тој зборуваше дека тие се неприфатливи и дека додека неговата партија е фактор во Собранието тие нема да се случат.
Омекнувањето на ставовите на Мицкоски може да се гледа и преку призмата на претстојните избори, но и пораките од високите државни претставници и дипломати од ЕУ и САД кои во неколку наврати јасно кажаа дека државата мора да продолжи по европскиот пат, а на тој пат услов се секако уставните измени и внесувањето на Бугарите во него.
Од друга страна, ваквиот однос на Мицкоски може да се толкува и како обид да се подотвори вратата кај политичките партии кај албанскиот електорат, бидејќи тие цврсто стојат на ставот дека нема да коалицираат со партија што нема јавно да вети и да се заложи дека ќе спроведе уставни измени.
Одредени омекнувања во однос на ова прашање се забележуваат и во изјавите на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, па оттука се поставува прашањето, дали таа и Мицкоски полека го подготвуваат членството за прифакање на уставните измени или Мицкоски за некој период одново ќе ретерира од овој став како што се има случувано многу пати претходно.
Сосема друго прашање е кога Мицкоски ја лажел јавноста. Кога велеше дека уставни измени и внесување на Бугарите нема да има или сега, кога вели ниту тој ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту биле ниту ќе бидат против внесувањето на Бугарите во Уставот.