
Големиот пожар што ја потресе јавноста викендов во скопската населба Трубарево го отвори прашањето за тоа како е можно објект кој се користел за складирање на електронски отпад да работи со валидна дозвола, иако не ги исполнувал минималните законски услови. Според истражувањето на емисијата „Код“ на Телма, дозволата за управување со отпад била издадена на „Ф-Групација“, компанија која формално имала регистрирана дејност на локација со сосема поинаква намена – земјоделска фарма.
Објектот, според катастарските податоци, е заведeн како Ф2 – помошни објекти во земјоделството. Но, наместо таму да се одгледуваат животни или да се користи за аграрни потреби, се третирал електронски отпад, што е спротивно на правилникот од 2018 година. Со тој правилник, за добивање лиценца за управување со отпад се бара објектот да биде надвор од населено место или во зони со индустриска (Г) или енергетска (Е) намена. Трубарево, пак, е населба во која живеат граѓани, а локацијата е заведена како лесна индустрија (Г2), што не ги исполнува строгите критериуми.
Проблематично е и тоа што дозволата била издадена и покрај очигледното несогласување помеѓу документите и фактичката состојба. Овој факт ја отвора дилемата како институциите ја дале согласноста и кој сносел одговорност за контролата.
Истрагата за „Ф-Групација“ открива и сериозни злоупотреби во менаџирањето на фирмата. Формално, управител била Лора Дамевска, која сега е второосомничена, но вистинската контрола ја имал нејзиниот татко, Марјанчо Дамевски – првоосомничен во предметот. Тој воедно е сопственик на компанијата „Нула отпад“, која го собирала електронскиот отпад и имала склучено договор со „Ф-Групација“. Практично, сите договори и административни процедури се одвивале од седиштето на „Нула отпад“, од каде е одземена и клучната документација.
Третоосомничен е раководителот на „Нула отпад“, кој, по насоки на Дамевски, ги распоредувал работните задачи околу складирањето и обработката на електронскиот отпад. Четвртоосомничен, пак, е лице кое формално не било вработено, но го организирало понатамошното одлагање на отпадот.
„Ф-Групација“ имала 17 вработени, но на денот на пожарот тие не биле на работа бидејќи саботата им била слободен ден. Сепак, експертите предупредуваат дека катастрофата е последица на долготрајна институционална рамнодушност и толерирање на работа спротивна на законските прописи.
Со овој случај на виделина излезе уште еден системски проблем – издавањето дозволи за управување со опасен отпад без реални проверки и почитување на правилниците. Случајот од Трубарево е веќе во рацете на обвинителството, но јавноста бара одговорност и од институциите што со години овозможувале да се работи спротивно на законот, со што директно бил загрозен животот и здравјето на граѓаните.
Повеќе од емисијата Код на линкот во прилог