
Во емисијата „Код“ на Телма вечерва беа објавени нови детали за транспортот на марихуаната која беше запленета во Србија, откривајќи како дрогата била пренесена од Македонија преку внимателно осмислена шема за прикривање.
Според истражувањето на „Код“, марихуаната влегла во Србија со камион деклариран како товар со „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“, кои наводно требало да бидат транспортирани до Манчестер, Англија. Наместо перници, во камионот биле натоварени 200 кутии со по шест килограми марихуана.
Дрогата, како што се наведува, била натоварена на паркинг во близина на Свети Николе, каде била донесена со повеќе возила од компанијата „Алфафарм“, без полициска придружба. Перниците првично биле извадени од камионот и претоварени во друго возило, по што истиот камион бил наполнет со кутиите со марихуана.
Возач на камионот бил Александар Ивановски, кој во моментов се наоѓа во притвор.
Според информациите, камионот ја преминал границата во ноќта меѓу 13 и 14 јануари, за време на Старата Нова година. Марихуаната била спакувана во двојно најлонско пакување со цел да се намали мирисот и да се избегне откривање од кучињата трагачи на граничните премини.
„Код“ открива и дека во декември 2025 година вработени во „Алфафарм“ добиле наредба да спакуваат повеќе од 8.800 килограми канабис во кутии, кои биле донесени од фабрики во струмичкиот регион. Работниците ја завршиле работата за две недели, по што биле испратени на колективен одмор.
Според истражувањето, пратката не предизвикала сомнеж на граница и не била подложена на детална контрола, бидејќи документите ја прикажувале како товар со перници во транзит.

