
Движењето „Кој е Следен?“ денес, 19 ноември 2025 година, изведе герила акција пред судницата во „КПУ Идризово“, непосредно пред почетокот на судскиот процес за трагедијата во коčанската дискотека „Пулс“.
Активистите истакнаа дека нивното присуство претставува симболичен потсетник дека јавноста будно го следи судскиот процес и дека институциите имаат морална и законска обврска да обезбедат правда. Со голем транспарент на кој пишуваше „Ве гледаме!“, тие упатија силна порака дека одговорноста за трагедијата е императив, а не опција.
„Правдата нема да дозволиме да остане само големо очекување, сѐ додека не стане доблест“, порачаа активистите, нагласувајќи дека од денес судската власт е под лупа. Тие побараа непристрасно, професионално и целосно транспарентно судење, ослободено од какви било политички влијанија.
„Судиите што го водат предметот мора да покажат интегритет, храброст и почит кон правото. Ќе одолеат ли на притисоците од центрите на моќ или уште еднаш ќе ја потврдат недовербата на граѓаните?“ – прашаа од движењето.
„Кој е Следен?“ најави дека ќе продолжи со активностите за да се обезбеди одговорност и да се слушне гласот на семејствата на загинатите.
„Нашата должност е да ја трансформираме тагата во цел и да се обединиме за значајна промена. Правда мора да има. Ве гледаме“, порачаа активистите.


