Утрински Весник
Македонија

Кој ќе остане да ја чува Македонија по 2050 година: старците или странците?

Kekenovskijove.jpg

Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКНОВСКИ

         Во 2050 година Република Македонија веројатно ќе биде земја со многу помалку жители, со иселена младост и со уште покомплицирани соседи. Едноставно кажано, во 2050 година Македонија ќе биде поинаква земја од денешната. Но прашањето е: поинаква на подобро, или поинаква затоа што ќе останат само стари лица, пензионери и неколку стотици илјади увезени работници од странство? Демографските трендови зборуваат погласно од секоја политика. Ако продолжи сегашниот ритам на иселување, до средината на овој век Македонија ќе изгуби не само население, туку и способност сама да се брани, да создава и да преживее.


         Ќе бидеме дел од НАТО и можеби целосно интегрирани во ЕУ (а тоа во каква ЕУ е посебна тема), но прашањето ќе остане исто: кој навистина ќе ја чува државата? Европа се бори со сопствената демографски проблеми, а САД постепено се повлекуваат од Балканот и се свртуваат кон решавање на своите проблеми? Со оглед на оваа претпоставка, иако засега САД имаат клучна улога на Балканот, реално е можно во иднина нивната посветеност кон регионот сериозно да се намали. Русија, иако ослабена, и понатаму ќе игра на карта на православието и словенските врски. Кина е тивок инвеститор кој купува инфраструктура и влијание, без да се меша во локалната политика. Турција е пак, постојан фактор културно, економски и религиозно. Ако сакаме да опстанеме по се изгледа ќе мораме (конечно) сами да научиме да ,,пливаме’’ во геополитичкиот океан каде големите сили ги третираат малите како шаховски фигури/пиони. Македонија е мала точка на картата, но таа точка лежи на премин меѓу Исток и Запад и за волја на вистината тоа никогаш не било безбедно место.

        Членството во НАТО за Македонија беше доживеано како крај на една епоха на несигурност, но тоа е само делумна вистина. НАТО гарантира воена заштита од надворешен напад, но не и нестабилност одвнатре. Што вреди членство во силна воена алијанса ако државата остане со половина население? Кој ќе ги пополнува воените редови? Кој ќе ја движи економијата? Од друга страна ЕУ е нашиот политички и економски сон, но гледаме како и самата се соочува со распаднати вредности, очигледна е кризата на демократијата и голем демографски пад. Прашањето е: ако Европа е уморна, слаба и поделена, дали малите европски држави ќе бидат заборавени и оставени на периферијата?

        Република Македонија е држава кој граничи со многу поголеми соседи. Србија сака да биде регионален лидер, Бугарија и Грција веќе покажаа колку историските спорови можат да станат алатка за условувања, а Албанија е во подем со силна дијаспора и поддршка од геополитички сојузници. Во 2050, сите овие соседи ќе имаат свои интереси и се плашам дека Македонија ќе стане раскрсница на тие амбиции. Прашањето е: ќе бидеме ли ние субјект кој сам ги дефинира своите позиции, или пак објект врз кој другите ќе си ги вежбаат своите политики и аспирации? Ќе бидеме ли партнери со сопствена тежина или вечни заложници на туѓи амбиции?

        Но, без разлика на овие геополитички согледувања и размисли најголемата опасност за Македонија не доаѓа однадвор, туку однатре. Демографијата е најголемата битка што ја губиме. Ова е сржта на проблемот. Македонија веќе три децении има континуирано намалување на населението. Според податоците на ООН и регионалните и локални анализи, до 2050 година бројот на жители може да ни падне под 1,5 милион. Иселувањето е најсилниот двигател: младите заминуваат, цели семејства се иселија во Германија, Италија, Швајцарија, па дури и во далечна Австралија и Нов Зеланд. Ако трендот продолжи, селата ќе бидат речиси празни, а многу градови ќе стареат драматично. Пензионерите ќе бидат побројни од работоспособните граѓани. Здравствениот систем ќе биде преоптоварен, пензискиот фонд ќе биде во колапс, а државата ќе зависи од увоз на работници за да опстане. Но, тоа повеќе нема да биде Македонија каква што ја знаеме и сакаме.

          До 2050, најважното прашање нема да биде кој ќе ја чува Македонија, туку ќе има ли кого да чуваме? Вистинското прашање не е кој ќе ја чува Македонија, туку дали ние сакаме да ја сочуваме одвнатре. Дали ќе има младост, семејства, работници, луѓе кои ја сакаат оваа земја и кои ќе ја градат секој ден. Затоа прашањето е едноставно, но сурово: ќе остане ли некој да ја чува и брани Македонија или ќе ја оставиме да ја чуваат празните куќи и странците што ќе ги увезуваме за да ја одржат на апарати?. Се работи за суштинско, а не само метафорично прашање. Ако продолжиме да заминуваме, да се караме и делиме по сите основи, да се продаваме за ситни интереси, ако дозволиме и понатаму која како стигне да ни ја пљачкосува државата нема да има што да се чува. Ако пак останеме, ако вредно и чесно работиме, ако создаваме за сите и веруваме во посветла иднина тогаш никој нема да може да нè избрише од картата.

Според официјалните проекции на населението што ги објавува Државниот завод за статистика на Македонија, постои тренд на намалување на вкупното население, стареење на населението и нето-негативна миграција (повеќе луѓе заминуваат отколку што доаѓаат). Или како што вели една моја колешка: ,,Демографското стареење, покрај во економијата и социјалата, има влијание и на репродукција на населението’’. Во областа на економијата, стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците и меѓугенерациските трансфери. Во социјална смисла, стареењето влијае врз структурата на семејството и уредувањето на животот, побарувачката на домаќинството, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита. Фактот дека се намалува женското население на репродуктивна возраст (од 15 до 49 години) укажува дека фертилитетот го задржува трендот на намалување.

И токму поради сето ова во 2022 година Македонија броела околу 1.831.712 жители (вклучувајќи ја и дијаспората), а проекциите велат дека до 2050 година (средно сценарио) Македонија ќе брои околу 1.323.000 жители. Тоа значи намалување од приближно 508.000 жители, што претставува пад од скоро 28%. Овие трендови значат дека секоја година ќе имаме сè помал број лица во армијата, полицијата, здравството, образованието и приватниот сектор. До 2050, речиси секој трет ќе биде на возраст 65+ или под 20 години, што ја присилува државата кон увоз на работници и посилен ослон на дијаспората. Токму затоа и силниот контраст во насловот на оваа колумна „старци vs. странци“.

Овие податоци и предвидувања претставуваат сериозна критика кон сите досегашни влади кои со својата незаинтересираност и несериозност ја доведоа државата до оваа алармантна состојба. Но, тие во исто време треба да бидат и силен мотив и поттик за сегашната и за сите идни власти конечно да преземат одлучни и суштински мерки за спречување на „белата чума“.

Ако и во блиска иднина продолжиме со истата негрижа, ако им ја крадеме и ускратуваме иднината на нашите деца, тогаш наскоро нема да има ниту што, ниту кој да се чува. Но, доколку останеме овде и создадеме земја во која вреди да се живее, држава која го цени знаењето, трудот и чесниот човек, тогаш Македонија ќе ја чуваат луѓето – сите генерации заедно, а не само старци и странци.

ПС: Терминот „старци“ во текстот е користен како метафора за демографската старост и недостигот на млади генерации, а не како навреда кон повозрасните граѓани. Намерата е да се истакне важноста на младоста и работоспособното население за опстанокот на Македонија.

Можете да прочитате

Лефков жестоко го нападна Апасиев: „Двојни стандарди и лицемерие на квадрат“

Жозеп Борел со силна поддршка за Бујар Османи во Чаир: „Лидер кој слуша, обединува и носи напредок“

Муцунски: Подготвени сме да ги направиме сите неопходни реформи – не само поради ЕУ, туку поради посилно општество