Утрински Весник
Свет

Koронавирусот повторно се шири низ Европа

Koронавирусот повторно се шири низ Европа

Во некои европски земји, дојде до повторно ширење на коронавирусот. Шпанија се бори со зголемување на бројот на нови случаи, а нови жаришта има и во други земји. Затоа, се повеќе и повеќе европски држави воведуваат построги мерки, за чиешто непочитување се предвидени строги казни.

Во германската држава Баварија, цела фарма со 500 луѓе вчера беше ставена во карантин, откако 174 работници беа тестирани позитивни за коронавирус, пренесува „Еуроњус“.

Властите се убедени дека инфекцијата не се шири надвор од фармата. Инфицираните и оние кои не биле заразени се разделени на фармата, а околу неа е поставена жица.

Исто така, распоредени се стражари за да се осигури дека никој не ја напушта фармата.

Само неколку километри, луѓето во австрискиот град, Сент Волфганг, недалеку од Салцбург, беа повикани да останат дома откако 44 лица беа тестирани позитивни на коронавирусот во петокот.

Инфекцијата се верува дека се ширела по забавите во баровите низ градот, а дел од локалите се привремено затворени.

Австрија се соочува со зголемување на бројот на случаи откако ги ублажи ограничувањата, поради што канцеларот Себастијан Курц ја врати обврската за носење маски во продавниците, поштата и банките.

Австрија досега има пријавено повеќе од 20.000 случаи и повеќе од 700 смртни случаи.

Франција досега избегнува да воведе повторно карантин, но расте бројот на заразени откако во петокот имаше повеќе од 1.100 нови случаи.

Здравствените власти предупредија дека Франција ризикува да направи чекор наназад во борбата против коронавирусот, а сегашните показатели за инфекцијата потсетуваат на оние што се гледаа во мај на крајот на строгото двомесечно затворање.

Француските власти неодамна воведоа казна од 135 евра за лица кои не носат маски на затворени јавни места.

Јужниот италијански регион Кампанија воведе уште построги казни – 1.000 евра за неносење маски.

Покрај казните, компаниите би можеле да бидат затворени за пет до 30 дена.

„Ако нашите сограѓани мислат дека проблемот е решен, тоа значи дека ќе се вратиме на вонредната состојба во рок од неколку недели“, предупреди гувернерот на регионот, Винченцо де Лука, на Фејсбук во петокот.

Казни се применуваат за секој што не носи маска во затворен простор, вклучувајќи јавни објекти, супермаркети, барови, ресторани, продавници и јавен превоз.

Превозниците имаат обврска да не им дозволуваат на оние што не носат маска да влезат во возилата.

Оние што се фатени дека не носат маски во транспортот, ќе бидат принудени да го напуштат возилото, а доколку одбијат, ќе биде повикана полицијата.

Италија е една од најпогодените земји во пандемијата на коронавирус, со повеќе од 242.000 случаи и повеќе од 35.000 смртни случаи, но се чини дека вирусот во моментот е под контрола, иако во последните 24 часа се пријавени 275 нови случаи и пет смртни случаи.

Ноќните клубови, баровите и плажите во Шпанија, особено популарни во текот на летната сезона, повторно се соочуваат со рестриктивни мерки, бидејќи станаа жаришта на ново појавување на коронавирус.

Двете најкритични точки во таа земја се во регионот на Каталонија, каде што заради зголемувањето на бројот на заразени, рестриктивните мерки беа затегнати, а само еден месец претходно беа олабавени поради оценката дека епидемијата на ковид 19 во Шпанија беше ставена под контрола.

Британската влада синоќа ја отстрани Шпанија од списокот на земји безбедни за патувања по зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирус во последните денови и воведе задолжителен двонеделен карантин за патниците кои се враќаат од таа земја.

По таа одлука, шпанските власти излегоа, тврдејќи дека пандемијата на коронавирус во земјата е под контрола.

Шпанија во петокот пријави 2.225 нови случаи, трипати повеќе од пред две недели.

Во Шпанија се разболеле повеќе од 272.000 луѓе, додека повеќе од 28.000 починале од коронавирус.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме