Барселона, Реал Мадрид и Атлетико и трет пат немаа среќа во судскиот спор во кој се обидуваат да го оспорат договорот што го склучу Ла Лига со „ЦВЦ Капитал партнерс“. Судот по трет пат го отфрли овој случај, во кој на крајот на минатата година на клубовите им се приклучи и Шпанскиот фудбалски сојуз.
Според договорот што Ла Лига го потпиша со „ЦВЦ Капитал партнерс“, оваа инвестициска компанија купи 8,2 отсто од правата за емитување и сите медиумски права за пренос на натпревари од Примера и Сегунда.
Договорот е вреден 1,99 милијарди евра, а половина од тие пари се наменети за клубовите. Од 38 клубови за кои важи договорот, Барселона, Реал и Атлетико го немаат потпишано договорот и веќе една година се обидуваат да го оспорат.
За најголемите клубови од Ла Лига спорено е што договорот е потпишан на 50 години.
Во средината на февруари на клубовите врз основа на договорот им станаа достапни 915 милиони евра. Дополнителни 452,2 милиони евра ќе бидат поделени на клубовите оваа година, а уште 454 милиони во 2024 година.
Во првите две години клубовите се обврзани да ги потрошат парите добиени од „ЦВЦ Капитал партнерс“, за враќање на долговите и за вложување во тимовите.
Клубовите се обидоа прво да го оспорат договорот барајќи од Стопанскиот суд да го поништи. Судот го одби барањето.
Потоа тргнаа по редовен пат, а одлуката на судот беше договорот да остане во сила додека се решава целото прашање. На крајот и ова барање на клубовите беше одбиено пред Вишиот суд.
Клубовите, како што стојат работите, нема да се откажат, но веќе немаат опција за никаква забрзана постапка и целиот случај може да трае со години.