Утрински Весник
Свет

Кинеските супертанкери поминаа низ Ормускиот теснец

Ormuskiot tesnec.jpg

Три супертанкери денеска поминаа низ Ормускиот теснец, покажуваат податоците за бродскиот сообраќај, што укажува дека станува збор за првите бродови што излегле од Персискиот Залив по договорот за примирје постигнат меѓу САД и Иран, додека истовремено во Пакистан започнаа мировни преговори.

Иранската блокада на теснецот, клучен за пловидба и за транспорт на околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта и течен природен гас, ја наруши глобалната енергетска понуда кон крајот на февруари, кога започна конфликтот, и предизвика нагол раст на цените на нафтата.


Либерискиот танкер за транспорт на сурова нафта (VLCC) „Серифос“ и двата танкери „Косперл Лејк“ и „Хе Ронг Хаи“, кои пловат под кинеско знаме, успеале да влезат и да излезат од „пробното сидриште на Ормускиот премин“, кое го заобиколува иранскиот остров Ларак, покажуваат податоците на LSEG, водечки глобален обезбедувач на податоци за финансиските пазари.

Секој од овие бродови може да пренесува по два милиони барели нафта.

Се очекува „Серифос“, кој превезува сурова нафта натоварена во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на почетокот на март, да пристигне во малезиското пристаниште Малака на 21 април, според податоците на LSEG и аналитичката компанија Kpler.

„Косперл Лејк“ превезува ирачка нафта, а „Хе Ронг Хаи“ сурова саудиска нафта. Двата танкера се изнајмени од „Унипек“, трговската подружница на кинескиот енергетски гигант „Синопек“, покажуваат податоците на LSEG. „Синопек“ не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за потврда на информацијата надвор од работното време.

Можете да прочитате

Израел: Фрливме 18.000 бомби врз Иран за пет недели

Исчезна американски генерал со нуклеарни тајни

Иран предупреди дека ќе нападне американски воен брод во Ормуската Теснина