
Прелиминарните планови за Меѓународната лунарна истражувачка станица (ILRS), која заеднички ја развиваат Кина и Русија, вклучуваат изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината, според презентацијата на кинески вселенски службеник.
Презентацијата ја одржа Пеи Жаоју, главниот инженер на кинеската мисија „Чанг’е-8“, планирана за 2028 година, а таа покажа дека енергетскиот систем на идната база, покрај нуклеарната енергија, би можел да се потпира и на големи соларни панели што ќе бидат инсталирани на површината на Месечината.
Мисијата „Чанг’е-8“ претставува клучен чекор во амбициозниот план на Кина за изградба на постојана човечка база на Месечината. Кина, втората најголема економија во светот, планира да стане водечка сила во истражувањето на вселената до 2030 година и да испрати астронаути на Месечината.
Временскиот период за изградба на станица на јужниот пол на Месечината од страна на Кина се совпаѓа со американската програма „Артемис“, предводена од НАСА, која има цел да ги врати американските астронаути на Месечината до декември 2025 година.
Академик Ву Веирен од Кинеската академија за инженерство и главен дизајнер на кинеската лунарна програма минатата година изјави дека основниот модел на станицата ILRS, со јужниот пол на Месечината како центар, треба да биде завршен до 2035 година. Лансирањето на лунарната сонда „Чанг’е-8“ ќе го означи почетокот на изградбата на овој основен модел.
Во следните фази Кина планира да го лансира таканаречениот „Проект 555“, кој ќе покани 50 земји, 500 меѓународни научноистражувачки институции и 5.000 странски научници да ѝ се приклучат на иницијативата ILRS.
Овие планови дополнително ги зајакнуваат амбициите на Кина во трката за доминација во вселената, особено во контекст на стратешката конкуренција со САД, која станува сè поизразена и на Земјата и пошироко, пренесува „Ројтерс“.