
Бремените жени и натаму се казнуваат со бркање од работа штом работодавачите ја дознаат информацијата за мајчинството. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род и мајчинство во областа на работата и работните односи, и тоа врз вработена во приватна фирма, која на 17 јуни 2024 година кажала дека е бремена, а веќе следниот ден добила отказ, објави Сакам да кажам.
Младата жена била вработена со договор на определено време, првично со договор на три месеци. Во април лани таа потпишала анекс на договорот, согласно кој времетраењето на договорот ѝ било продолжено за уште три месеци, до 15 јули 2024 година. Истовремено, платата ѝ била зголемена од 22.000 на 23.000 денари.
Но, подносителката на претставката, не го дочекала следното продолжување на работниот однос, во јули. На 17 јуни ја известила колешката од човечки ресурси дека е бремена, а веќе следниот ден била повикана и известена дека времетраењето на нејзиниот договор за вработување на определено време, нема да биде продолжен.
Бремената жена почувствувала силен стрес, неизвесност, мачнина, несоници, предизвикани од страв за иднината и за егзистенцијата нејзина и на нероденото бебе. До КСЗД приложила и медицинска документација. Вознемирена и постојано расплакана од тоа што ѝ го направиле во фирмата, таа завршила на психијатар, каде ѝ била препишана соодветна терапија.
Бременоста и мајчинството се заштитени како со нашите закони, така и со меѓународната регулатива која Македонија ја има ратификувано. Во овој случај особено е прекршен членот 101 од Законот за работни односи кој забранува отказ поради бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, итн.
Целиот текст прочитајте го на СДК.мк до клик ТУКА.