Мнозинството советници во општина Ѓорче Петров гласаа против единствената точка на дневен ред и со тоа не дозволија да се одржи третата вонредна седница на која требаше да се гласа за суспензија на Деталниот урбанистички план за Градска четврт C3 16, а на барање на една третина од советниците.
ДУП-от што граѓаните на Ѓорче Петров не го одобруваат, а оспорен е и од соседната општина Карпош предвидува изградба на 50 згради и три индустриски капацитети од хемиската индустрија.
Во тензична атмосфера, 11 советници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Демократски сојуз гласаа „против“ одржување на вонредната седница, додека советниците од СДСМ и Левица бараа таа да се одржи.
Откако мнозинството советници одлучи да не се одржи седницата советниците од СДСМ и коалицијата, како и од Левица бараа од нивните колеги од мнозинството да се изјаснат зошто дале таков глас.
Утрово СДСМ и преку пратеничката Данила Марковска го повика Христијан Мицкоски и градоначалникот Александар Стојковски да се повлечат од спорниот ДУП но на крајот ВМРО-ДПМНЕ не се повелече од намерата овој урбанистички план да се донесе.