
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска во својот кабинет оствари работна средба со в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски. Средбата се реализираше на иницијатива на Крстевски, со цел продлабочување на меѓуопштинската соработка и размена на искуства кои ќе придонесат за поефикасно функционирање на локалните самоуправи.
На состанокот се разговараше за повеќе аспекти од делувањето на општинската администрација, при што беа разгледани добри практики од Карпош, кои Кочани ќе ги имплементира во своето секојдневно работење. Станува збор за области како инспекциски надзор, прибирање на приходи, развој на комунална инфраструктура, урбанизам и привлекување на инвеститори.
– Ние како локална власт ќе помогнеме сé што можеме, особено во делот на инспекцискиот надзор, собирање приходи, урбанизам и комунални прашања. Убеден сум дека на Кочани сега навистина му е потребна поддршка, а со оглед на тоа што дел од нашите кадри ќе заминат таму, уверен сум дека ќе пружат сериозна стручна помош. Ме радува што Крстевски, како млад човек, е отворен за нашите искуства – истакна Јакимовски.
Како резултат на оваа средба, двајцата градоначалници потпишаа Меморандум за соработка, кој ќе овозможи редовна и организирана размена на искуства, стручни мислења и документи, како и практична соработка во областа на урбанистичко планирање, комунални дејности, образование, заштита и спасување. Според договорот, Кочани ќе добие стручни совети од експертите од Карпош, особено во делот на инспекцискиот надзор за градежништво, домување и комунални активности.
Крстевски се заблагодари на поддршката, истакнувајќи дека ова е првпат Општина Кочани да добие инспектор за домување – позиција со особено значење во моментите на предизвици со безбедноста и урбаното живеење.
– Благодарен сум на градоначалникот Јакимовски и целата администрација на Карпош за нивната несебична поддршка. Помошта е добредојдена, особено кога станува збор за безбедноста и урбаното функционирање. Јас и моите сограѓани никогаш нема да ја заборавиме подадената рака – рече Крстевски.
Меморандумот предвидува и заеднички работни средби, обуки, теренски посети и учество во проекти од заеднички интерес. Соработката ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, поефикасно урбанистичко планирање, унапредување на инспекцискиот надзор и зајакнување на капацитетите за справување со вонредни состојби, со крајна цел – подобар животен стандард и сигурност за жителите на двете општини.