Утрински Весник
Свет

Карни очекува Канада до јули да се приклучи на европскиот одбранбен план

20250502185645 big 730x400 68 1.webp.webp

Канадскиот премиер Марк Карни синоќа изјави дека се надева оти Канада ќе се приклучи на големата европска одбранбена иницијатива до 1 јули, потег што има за цел да ја намали зависноста на земјата од САД во однос на оружјето и муницијата.

– Седумдесет и пет центи од секој долар капитални расходи за одбрана одат во САД. Тоа не е разумно, изјави Карни за канадската национална телевизија Си-Би-Си.


Тој додаде дека преговорите со ЕУ за приклучување кон иницијативата „ReArm Europe“, „бележат голем напредок“ и дека би сакал да види „нешто конкретно“ до Денот на Канада, 1 јули.

Европскиот план е дел од големите напори на ЕУ за превооружување, кои би можеле да мобилизираат до 800 милијарди евра за одбрана, што според лидерите на ЕУ е неопходно, делумно, за да се одврати Русија од евентуален напад врз друга европска земја по Украина, наведува ДПА.

Коментарите на Карни доаѓаат во момент кога сојузниците на НАТО се подготвуваат да разговараат за нови цели за трошоците за одбрана на претстојниот самит.

– На самитот на НАТО, партнерите на НАТО ќе бидат замолени да трошат повеќе, да прават повеќе за меѓусебна заштита. Ние ќе учествуваме во тоа, рече Карни. Тој додаде дека Канада ќе ги зголеми своите воени трошоци, но ќе го стори тоа на начин што ќе биде од корист за земјата.

– Не сум поборник за избирање произволен број и потоа да се обидуваме да смислиме како да трошиме за да го достигнеме, истакна Карни.

Во моментов, Канада троши околу 1,37 проценти од својот бруто домашен производ за одбрана, информира Си-Би-Си. Карни вети дека до 2030 година, земјата ќе ја достигне сегашната цел на НАТО од 2 отсто.

Можете да прочитате

Во гумени бомбони најдена марихуана – „Харибо“ ги повлече пакувањата

Двајца украински шпиони во Русија осудени на 19 и 25 години затвор

Кина се спротивстави на планот на САД за укинување на студентските визи