
Соопштение за јавност на СДСМ:
Заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, учествуваше на Конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска и на програмата на Палме академијата, што се одржа во Гетеборг, Кралството Шведска.
На Конгресот присуствуваа лидери на социјалдемократски партии, пратеници од Европскиот парламент, актуелни и поранешни функционери на Шведска, претставници на меѓународни организации, кои на панелите во рамки на Конгресот дискутираа за зајакнување на политичкиот дијалог и унапредување на заедничките социјалдемократски вредности.

Каранфилова Пановска, се обрати на панелот на тема „Потребата од меѓународна солидарност и заедничка безбедност во време на геополитички промени – Кој е глобалниот социјалдемократски одговор на овие промени?“, кој го отвори претседателот на ПЕС и поранешен премиер на Шведска, Стефан Лофвен.
Во своето обраќање Каранфилова-Пановска говореше за неопходноста од полноправно членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што е важно за обезбедунање и гарантирање на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа.
„Забрзувањето на ЕУ интеграциите на државите од регионот и Западен Балкан е клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите кандидатки за членство во ЕУ. Интеграција во ЕУ е важна и за вистински напредок во однос на правосудството и борбата со корупцијата. И државите од Западен Балкан, но и ЕУ мора да вложат максимални напори за да се надминат предизвиците и пречките за полноправното членството до 2030 година да стане реалност за сите држави од Западен Балкан. Во тој контекст, сметам дека е потребна една сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување на ЕУ, но истовремено и силна поддршка од европските социјалдемократки, затоа што се работи за прашање од геополитичко значење.“

Во рамки на учеството на Конгресот во Гетеборг, Каранфилова-Пановска имаше средби со потпретседателот на шведскиот парламент, Кенет Г. Форслунд, со поранешниот министер за надворешни работи и заменик-генерален секретар на ОН, Јан Елиасон, со генералниот секретар на Социјалдемократската партија на Шведска, Тобијас Баудин, како и со меѓународната секретарка на Социјалдемократската партија, Паула Карваљо Оловсон. Во фокусот на разговорите на средбите беа заедничките предизвици на социјалдемократијата денес, односно растечкиот национализам, заканите по демократијата и потребата од цврста социјална правда. Каранфилова-Пановска на средбите истакна дека социјалдемократијата мора да остане гласна, прогресивна и храбра во борбата за праведно општество – и на национално, и на глобално ниво.