Утрински Весник
Свет

Канада: Неколкумина повредени откако гризли мечка нападна деца од основно училиште

20251121132939 big 730x400 7.webp.webp

Гризли мечка нападна деца од основно училиште во канадската провинција Британска Колумбија на западниот брег, јавија локалните медиуми.

Како што пренесува ДПА, во нападот, кој се случил вчера, сериозно се повредени неколку лица, од кои две се во критична состојба, јави Канадиен прес (Canadian Press). Новинската агенција се повика на итните служби во заедницата Бела Кула (Bella Coola), околу 700 километри северозападно од Ванкувер.

– Болничарите им пружија итна медицинска помош на четворица пациенти и ги пренесоа во болница, изјави портпаролот на службите за итно спасување за агенцијата. „Двајца пациенти беа во критична состојба, а двајца во сериозна состојба“, додаде тој.

Возраста на жртвите не е прецизирана, но според извештаите, меѓу нив имало и деца. Спасувачите соопштија дека инцидентот се случил на пешачка патека во близина на автопат.

Една мајка за Канадиен прес изјави дека нејзиниот 10-годишен син одел со соучениците и наставниците кога мечката ја нападнала групата. Животното му се доближило толку блиску што можел да го почувствува неговото крзно. Според неа, мечката го бркала нејзиното дете, но потоа нападнала некој друг.

Локалната власт на домородниот народ Нуксалк во Бела Кула ги повика луѓето да останат во затворени простории, ако е можно, и да патуваат со автомобил кога е неопходно. Се вели дека агресивната мечка сè уште е на слобода во областа и ги предупреди жителите да не „одат да ја бараат“.

Училиштето, исто така, најави дека денеска ќе остане затворено поради инцидентот.

Можете да прочитате

Мерц и Трамп телефонски разговараа за мировниот план на САД за Украина

Зеленски по телефонски разговор со Венс: Украина ќе работи на ниво на советници за развој на мировен план

Лидерите на ЕУ ќе се состанат утре за да разговараат за Украина