
Многу емоции и изненадувања од музички и концепциски аспект вети Калиопи за претстојните концерти во Скопје, кои се закажани на 14 ноември, 6 и 7 декември во „Македонска филхармонија“.
-Не кажувам со кои песни, колку песни, очекувам публиката да се изненади од новите акустични концерти во Филхармонија, закажани на 14 ноември, 6 и 7 декември , во организација на „Прагма“ со кои соработувам веќе година ипол. Ветувам ново музичко искуство со бендот и гудачки квартет на сцената, најави Калиопи.
За поп-ѕвездата е најважна публиката и енергијата што ја црпи од неа, како што нагласува, без разлика во колкав број е таа.
Секогаш, вели Калиопи, ми е важна интеракцијата со публиката, без разлика дали е на интимен простор или стадион.
-Очекувам дека Филхармонија, сите три вечери, ќе биде исполнета со многу луѓе и емоции, љубов и по некое плачење, вели Калиопи и додава дека тоа нема да биде од тага, туку од среќа.
Кристијан Ристевски, првиот човек на „Прагма продукција“ истакна дека првиот концерт е веќе распродаден, а оти другите два се пред распродавање. Тој очекува дека ќе има уште еден четврти концерт и оти се чека слободен термин од Филхармонија, и дека тоа најверојатно ќе биде во декември.
Калиопи ја најави и новата песна која ќе ја промовира во четврток во Белград, без да открие детали. Нов албум таа најави за 2027 година.



