Утрински Весник
Свет

Калас: Суровата реалност е дека Путин не сака мир ни по средбата со Трамп

Kaja Kalas.jpg

Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска предупреди дека Русија нема намера да ја прекине војната во Украина, и покрај синоќешните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.

Калас, во изјава за Политико, го поздрави обидот на Трамп за постигнување мировен договор, но истакна дека „суровата реалност е дека Русија нема намера наскоро да ја заврши оваа војна“.


Таа го критикуваше Путин, велејќи дека тој „продолжува да ги одолговлекува преговорите, надевајќи се дека ќе избегне одговорност“. Калас потенцира дека Русија извршила нови напади врз Украина дури и за време на средбите во Анкориџ, а Путин не дал никакви ветувања за прекин на насилството.

„Москва нема да ја заврши војната додека не сфати дека не може да продолжи. Затоа, Европа ќе продолжи да ја поддржува Украина, вклучително и со работа на 19-тиот пакет санкции против Русија“, додаде Калас.

Таа ја отфрли тезата на Путин дека Киев е одговорен за „основните причини“ на војната, истакнувајќи дека вистинската причина е „империјалистичката надворешна политика на Русија“.

По разговорите, лидерите на НАТО беа поканети на брифинг со американската администрација, при што Трамп изјави дека дискусиите биле „исклучително продуктивни“. Европските лидери издадоа заедничка изјава во поддршка на напорите на Белата куќа за организирање трилатерални преговори меѓу Путин, Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој в понеделник ќе го посети Вашингтон во рамки на мировниот процес.

И францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина. Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.

„Ja поздравувам подготвеноста на САД да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на подготвените“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.

Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.

Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.

Можете да прочитате

Европските лидери поканети на средбата Трамп-Зеленски во Белата куќа

Фон дер Лајен: Силни гаранции за безбедноста на Украина и Европа се клучни за мир

Зеленски: Не ни треба уште еден прекин на огнот, туку вистински мир