
Како „Спона“ ги спои извидништвото во Македонија со „малите четници“ од Кралството Југославија е првото прашање коешто го предизвика изложбата „Скаутизмот во Македонија 1911-1941“, којашто беше поставена во Младинскиот центар „Матично“, пишува порталот Рацин.мк во последната анализа.
Изложбата е организирана од страна на Српскиот културно информативен центар Спона, а автор на изложбата е Радован Милковски од Кумановскиот извиднички одред.
Во потрага по одговор на прашањето како се сппоија извидништвото во Македонија со „малите четници“ од Кралството Југославија, Рацин.мк контактираше со авторот на изложбата Радован Милковски.
На прашањето што го поттикна да ја осмисли оваа изложба, тој рече дека дека сакал да го прикаже континуитетот на извидничкото движење во Македонија и дека „Скаутизмот во Македонија 1911-1941“ за него е првата фаза од тој континуитет, кој потоа, според Милковски, бил обновен по Втората светска војна, во повоена Македонија од страна на тогашните припадници на скаутите, односно на „малите четници“ како што ги нарекувале членовите на оваа организација во перидот од 1911 до 1941 година.
На прашањето зошто не се водело сметка за конотацијата што ја предизвикува терминот „мали четници“ со Српското четничко движење во Македонија на почетокот на 20. Век, Милковски инсистираше на тоа дека единствената причина за користење на терминот „мали четници“ се изворните записи на основачот на извидничкото движење, односно на „малите четници“ во Кралството Југославија, д-р Милош Поповиќ. Во еден од тие записи тој наведува:
„Во нашата историја (историјата на Кралството Србија, н.з.) немавме извидници кои талкаа низ џунгли и непознати простори, туку имавме ускоци, хајдуци и четници кои ја бранеа честа и имотот на нашиот народ“
Милковски во разговорот за Рацин.мк рече дека „можеби е пропуст“ што не го зел предвид контекстот и конотацијата на „четништвото“ во Македонија од тој период.
Инаку, за да бидат појасни контекстот и конотацијата, според историски извори, Српско четничко движење (српски: Српски четнички покрет, скратено СЧП) била српска паравоена-националистичка организација. Првпат е официјално се појавува во 1886 године, за време на владеењето на кралот Милан Обреновиќ, а неколку години подоцна во 1903 година таа е легализирана под името Српски комитет на четничката акција. Основна цел на организацијата е вооружена борба против Македонското револуционерно движење и ширење на србизмот во Македонија и Косово, создавање на услови за присоединување на овие области кон српската држава, српските чети биле насочени и против Турците и Албанците.
Слично како и авторот Милковски, и програмскиот раководител на Српскиот културно информативен центар „Спона“, Милутин Станчиќ, во чија организација е реализирана изложбата, тврди дека насловот и концептот се изведени од броушурите и од плакатите во тој период на Краљевина Југославија.
„Тое не е во контекст на кој вие помислувате на четниците од Втората светска војна. Четник, како информација стои на броушурата од тој период. Не е тоа наша интерпретација“, рече Станчиќ.
На нашето инсистирање дека посетителите на изложбата немаат соодветна информација дека тоа што е изложено на неа нема врска со четничките движења од Втората светска војна, Станчиќ не упати на авторот на изложбата Радован Милковски.
„Јас не знам точно дали така требало или не. Тие информации се од тој период“, нагласи Станчиќ.
Инаку, изложбата е во соработка со Извидничкиот сојуз на Македонија кои го отстапиле просторот Младинскиот центар „Матично“ кој им е доделен за организирање на нивните активности.