Утрински Весник
Свет

Како ЕУ за 15 години стана „Должничка Унија“ со долг од 670 милијарди евра

Eu 1.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Минатиот петок во раните утрински часови, нешто пред три часот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во објава на Икс обелодени дека лидерите на земјите членки на ЕУ постигнале договор за начинот на финансирање на Украина за 2026 и 2027 година.

– Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Се обврзавме, исполнивме, наведе Кошта во објавата.

Со ова, по 16 часа преговори шефовите на држави или влади на членките на ЕУ се договорија средствата за финансиската поддршка на Украина да се обезбедат „врз основа на задолжување на Унијата на пазарите на капитал, поддржано од нејзиниот долгорочен буџет“. Ова во пракса значи дека ЕУ ќе издаде еврообврзници од кои ќе обезбеди 90 милијарди евра за Украина.

Договорот на лидерите на ЕУ предвидува дека Украина ќе треба да ја врати оваа позајмица, но само ако Русија ѝ плати воени репарации. Проценките се дека веројатноста за нешто такво е мала, па затоа, ова задолжување најверојатно ќе мора да се покрие преку буџетот на Европската Унија. Дополнително, само на име каматата од задолжувањето ќе мора да се плаќаат приближно три милијарди евра годишно.

Сето ова значи дека на крајот ЕУ дополнително се задолжува и враќањето на тој долг ќе падне на товарот на европските даночни обврзници.

На овој начин, ЕУ која до пред 15 години практично беше без долгови, сега ќе се соочи со ново задолжување и дополнително зголемување на нејзиниот долг, кој сега изнесува околу 670 милијарди евра, со што блокот се претвора во „Должничка Унија“, хорор идеја од која стравуваа Германија и останатите „северни“ земји, кои важат за жестоки противници на нови задолжувања.

Со толкав долг, Европската Унија е петти најголем суверен должник во Европа, по Италија, Франција, Германија и Шпанија.

Иако, опцијата за заедничко задолжување на ЕУ се споменуваше како можност откако Белгија не покажуваше знаци дека ќе попушти и ќе се согласи на планот за т.н. заем за репарации, односно користење на замрзнатите руски средства за исплата на финансиската поддршка за Украина, речиси до четвртокот вечерта преовладуваше ставот дека дел од земјите членки нема да прифатат зголемување на долгот на Унијата.

Еврообврзниците дојде во центарот на вниманието по избувнувањето на должничката криза во Грција во 2010 година, кога европските лидери минаа месеци во одржување на кризни самити, на кои се дебатираше дали и како да спречат банкрот на државата.

Тогаш оценките беа дека главна загриженост на повеќето лидери не беше Грција, на која и се забележуваше за водење „паралелно сметководство“ прикривајќи ја реалната финаниска состојба, туку пред сè тие се грижеа за стабилноста на еврото и за ризикот од распад на Еврозоната.

Главната дебата во тој период се сведе на прашањето за заедничко европско задолжување, преку издавањето на еврообврзници. Германија и другите „штедливи“ земји сметаа дека издавањето на еврообврзници претставува „пат кон пропаст“. Германскиот аргумент против заедничкото задолжување за спас на Грција, беше дека тоа би поставило „опасен преседан“ што на крајот би ги оптоварил даночните обврзници во Германија со обврските на земјите заглавени во долгови.

На крајот, Грција ја спасија директно земјите од Еврозоната со билатерални заеми, потоа и индиректно преку т.н. Европски механизам за финансиска стабилност (ЕФСФ), основан наменски за да ѝ се исплати кредит на Атина од 80 милијарди евра, и на крајот преку Европскиот механизам за стабилност.

Германија и останатите „северни“ земји на блокот, оттогаш жестоко се противеа на сите предлози за зголемување на заедничкиот долг на ЕУ. Исклучок беше направен кога беше прифатено заедничко задолжување во 2021 година за финансирање на Механизмот за опоравување и отпорност, формиран за поддршка на земјите членки за закрепнување од ковид пандемијата.

Иако, одговорот на ЕУ на пандемијата беше широко оценет како успешен, тој успех, заедно со помошта за спас на Грција, имаше своја цена – од некогаш маргинален емитер на обврзници, Унијата се претвори во еден од најголемите суверени должници на континентот. По санацијата на грчката должничка во 2013 година долгот на Унијата достигна околу 55 милијарди евра, за до крајот на деценијата во 2019 да се сведе на околу 50 милијарди евра, но по корона кризата сега достигна околу 670 милијарди евра. Дополнителното зголемување на овој долг би можело да има долгорочни импликации на заедничкиот пазар, буџетите и политиката на ЕУ.

Предвидувањата се дека отплаќањето на овој долг ќе фигурира во билансот на финансиската состојба на ЕУ најмалку до 2058 година, во случај редовно да се исплатуваат доспевањата од еврообврзниците, без рефинансирање на задолжувањето со издавање нови обврзници.

Ваквото задолжување претставува ризик од преоптоварување на суверениот долг на ЕУ и пад на кредитниот рејтинг на блокот. Дополнителен проблем е што каматната стапка на ваквото задолжување од нешто над нула отсто во 2020 година, сега, како резултат на растот на инфлацијата, изнесува речиси три проценти.

Дополнителното задолжување на ЕУ со украинските 90 милијарди евра се очекува уште повеќе да ги усложни преговорите за усогласување на повеќегодишната буџетска рамка на блокот за периодот од 2028 до 2035 година, што би можело да ги зголеми поделбите меѓу земјите членки во самата Унија.

Можете да прочитате

Ким и неговата ќерка отвораа хотели

Амазон блокира илјадници пријави за работа сомневајќи се дека апликантите се севернокорејски агенти

Американската армија нападна уште еден брод во источниот дел на Пацификот