
Сите ние сме навикнати патиките да ги перемe во машина за перење, но малкумина знаат дека во машина може да се перат и одредени видови чевли. Најсоодветни се платнените чевли и оние од вештачка кожа. Класичните кожни чевли не се препорачува да се перат во машина, освен ако веќе се доста истрошени и не ви пречи доколку дополнително се оштетат.
Со претпазливост може да се испроба и перење на чизми од велур, но само доколку немаат дебела постава. Не се препорачува перење на класични кожни чизми, како и чевли со високи потпетици.
Пред да ги ставите обувките во машина, задолжително е темелно да ги исчистите рачно. Со сунѓер отстранете ја нечистотијата, особено од ѓонот и рабовите. За подобар ефект, страните можете да ги поминете и со таканаречен „магичен сунѓер“.
Потоа, чевлите ставете ги во заштитна мрежа и наполнете го барабанот со неколку постари крпи, кои ќе ги ублажат ударите при вртењето. Изберете блага програма за перење, без топла вода, и вклучете дополнително плакнење за целосно да се отстранат остатоците од детергент.
Користете минимална количина детергент – доволна за мала количина алишта – и избегнувајте омекнувач, бидејќи може да ја оштети материјата на чевлите.


