Утрински Весник
Македонија

Каевски: СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за уставните измени

Каевски:  СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за уставните измени

СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот, истакна денеска Дарко Каевски пратеник и портпарол на СДСМ.

dobivaj vesti na viber

Иванова, појасни тој, е дипломиран правник, има долгогодишно искуство, одличен познавач не само на Уставот и законите туку и на собраниските процедури како пратеничка. Учествувала во значајни процеси и одлуки кои Собранието ги има донесено.

Според него, СДСМ активно ќе учествува во експертското тело кое го формира Министерството за правда. Тоа, како што рече е државнички, тоа е одговорно затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во ЕУ, како врвен национален и државен интерес.

„Очекуваме преку отворен, транспарентен процес, да дојдеме до најдобриот македонски модел за уставни измени, кој ќе значи продолжување на европскиот пат. Членството во Европската унија е врвен национален и државен интерес поставен уште од независноста. Денеска, или оваа 2023 година сме на чекор, на дофат на тој генерациски сон, на таа желба на сите наши граѓани, на оваа наша стратешка национална определба. Никогаш, ама никогаш во изминатите 30 години не сме биле толку блиску“, потенцира тој.

Она што, како што рече, е особено важно за Македонците е што започнавме преговори со заштитен и признаен македонски јазик. Веќе е потпишан и првиот договор со ЕУ на македонски јазик без никакви додавки или фусноти.

Сега, според него, е време да ја исполниме единствената обврска која нашата држава ја има согласно преговарачката рамка, усвоена од 27 земји членки на ЕУ, а тоа се уставните измени.

„Ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации кои сакаат подобар животен стандард, врвни демократски институции и европски функционален систем во својата земја. Македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина. Обврска на сите политички партии е да ги поддржат процесите за стратешките одлуки на држава, како што е членството во ЕУ а не тие да бидат предмет на дневнополитичка борба. За жал, граѓаните гледаат дека заложништвото на Христијан Мицкоски кон Димитар Апасиев и Левица си го направи своето. Мицкоски и Апасиев отворено се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани“, рече Каевски.

СДСМ, како што подвлече, ќе се спротивстави на деструктивноста на оваа коалиција на хаосот. Како предводници на проевропската коалиција подготвени сме да направиме се за продолжување на патот кон Европа.

Можете да прочитате

Министерството за економија ја „спакува“ новогодишната кошничка

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот