Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, наводно, жив го закопал вицепремиерот на својата земја, објави рускиот канал на Телеграм „ВЧК-ОГПУ“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Елкан Сулејманов наводно бил личен лекар на Кадиров, кого лидерот на Чеченија го обвини за влошување на неговата здравствена состојба, пишува германски Билд.
Билд потсетува дека имало многу шпекулации за здравјето на Рамзан Кадиров, особено од почетокот на војната во Украина.
Кадиров, кој е верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, наводно верувал дека бил отруен. Каналот на Телеграм „ВЧК-ОГПУ“ пишува дека неговите следбеници го убедиле во тоа.
Неговиот личен лекар Сулејманов, кој беше и вицепремиер на Чеченија, наводно му давал одредени инјекции, а Кадиров верувал дека поради нив му се слошило.
Како резултат на тоа, Сулејманов беше разрешен преку ноќ во октомври 2022 година како вицепремиер. Официјалната изјава тогаш беше дека тој доброволно поднел оставка. Се шпекулира дека оттогаш не е виден, додека каналот на Телеграм наведува дека бил брутално убиен.
За мистериозното исчезнување на Сулејманов на Твитер напиша и украинскиот функционер Антон Герашченко.
Тој потсетува дека руските медиуми објавија дека Кадиров, загрижен поради наглото влошување на неговата здравствена состојба, го обвини својот личен лекар Сулејманов дека се обидел да го отруе. Тој додава дека лекарот исчезнал без трага во октомври 2022 година, отстранет од сите позиции, брутално убиен, жив закопан.
Засега нема официјална потврда дека Сулејманов е мртов.