Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека ќе бидат вратени сите градови кои Русија ги загуби во контраофанзивата на украинската армија во областа Харков, и дека „ѓаволите на НАТО“ ќе бидат поразени.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските војници од Балаклеја и Изум биле прегрупирани во правец на Доњецк со цел да се постигнат целите на специјалната воена операција за ослободување на Донбас.
„Министерството за одбрана ја разјасни ситуацијата зошто ги напуштија градовите Изјум, Купјанск, Балаклеја, во правец на Харков“, рече лидерот на Чеченија, кој истакна дека десет илјади борци се подготвени да одат таму.
„Наскоро ќе пристигнеме во Одеса и ќе видите конкретни резултати“, рече Кадиров, пренесува Танјуг.
Кадиров рече дека не може никого да обвини за загубата на градовите, бидејќи не е запознаен со длабочината на стратегијата.
„Сепак, едно знам – Русија ќе победи, а овие ѓаволи на НАТО и западноевропските разузнавачки служби, тие и нивното оружје ќе бидат потиснати од духот на нашите борци“, уверен е Кадиров.