
Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините насловени „Каде што срцето е дома“ со цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.
Во рамки на теренските посети на општините, денеска премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ќе го означат почетокот на реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто.
Ова, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, е еден од четирите проекти на Општина Гази Баба кои се реализираат со средства од државниот буџет по првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините.
Претходно, во рамки теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот Перински беше во скопските општините Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров.
Перински на прес-конференција одржана на почетокот на месецов најави дека во периодот што следува ќе ги посетат сите скопски општини, ќе се реализираат средби со градоначалниците, членовите на општинските совети, со невладини организации, бизнис-секторот, културни, спортски работници, воопшто со сите заинтересирани граѓани, а ќе се врши увид и на проектите финансирани од централниот буџет.
Според министерот Перински, планирани се и еднодневни посети на Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и на Прилеп, на кои ќе се вклучат и претставници од општините од регионот.