
Дејан Јанков од Свети Николе, сопруг на Злата Јанкова – жената која исчезна на 16 јуни 2024 година – утрово започна штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе. Тој вели дека ќе остане таму и ќе гладува сè додека институциите не преземат конкретни чекори и не добие одговори за судбината на неговата сопруга.
„Не знам повеќе како да го свртам вниманието кон нашиот случај. Времето минува, а настанот паѓа во заборав. Што ѝ се случило на жена ми, жива ли е, кој стои зад нејзиното исчезнување? Ова не е игра, ова не е небитен случај за да биде оставен без решение“, вели Дејан.
Тој додава дека ако домашните институции не можат да ги пронајдат исчезнатите лица, треба да побараат помош и од странство.
„Ако нашите служби не можат да пронаоѓаат исчезнати лица, нека бараат помош од страна. Не е само Злата исчезната во Македонија, на стотици луѓе не им се знае судбината“, вели тој.
Злата Јанкова, 45-годишна жена од Свети Николе, исчезна на 16 јуни минатата година. 24инфо беше да разговара со Дејан последен пат била видена во селото Орел, на неколку километри од Свети Николе, каде што со сопругот работеле на нивниот земјоделски имот.
Тој ден, во недела, Злата и Дејан биле на нивниот имот извршувајќи земјоделски работи. Злата подготвила јадење, а потоа решила да се врати во семејната куќа во Свети Николе. Облекла тренерки и излегла од викенд-куќата, додека Дејан работел во повисокиот дел од имотот.
Од тој момент ѝ се губи секоја трага.
Злата му кажала на сопругот дека ќе се врати во градот со такси, но никогаш не влегла во такво возило. Нејзиниот мобилен телефон ѕвонел со часови, но никој не се јавувал. По извесно време, Дејан го пријавил исчезнувањето во полиција.
Оттогаш, потрагата трае, но без конкретни резултати.
Дејан вели дека редовно контактира со полицијата и се распрашува за текот на истрагата, но одговорот секогаш е ист – дека потрагата продолжува, но нови информации нема.
Заедно со својот брат, со соседи и пријатели, тој пребарал километри низ околината на селото Орел во надеж дека ќе најде некаков траг, но потрагата била безуспешна.
Семејството Јанкови е познато како мирно и работливо семејство во Свети Николе. Злата и Дејан имаат двајца синови, на возраст од 24 и 17 години. Со години се занимаваат со земјоделство, одгледуваат градинарски производи, имаат десетици кошници со пчели и ситен добиток.
„Произведуваме за да имаме за нас“, вели Дејан, додавајќи дека деновите што порано ги поминувал во работа, сега ги поминува во пребарување, распрашување и надеж дека неговата сопруга ќе се врати дома.
Тој нагласува дека ниту тој ниту неговата сопруга имале непријатели и не можат да претпостават зошто им се случила ваква трагедија.
Како можен траг, семејството споменува и автомобил – сив „голф“ со скопски регистарски таблички, кој во приближно време кога исчезнала Злата поминал по горниот пат на селото Орел. Во возилото, според нивните информации, имало две жени.
Тие не тврдат дека автомобилот е поврзан со исчезнувањето, но веруваат дека патниците можеби виделе или слушнале нешто што би помогнало во истрагата.
Интересно е што атарот на селото Орел неодамна беше зафатен од голем пожар, при што на терен имало бројни полицајци, пожарникари и волонтери. Сепак, и покрај масовното присуство на луѓе на теренот, не бил пронајден никаков траг од исчезнатата жена.
Дејан Јанков сега се надева дека неговиот штрајк со глад ќе го привлече вниманието на јавноста и институциите и дека конечно ќе се преземат чекори за расветлување на случајот и пронаоѓање на неговата сопруга.

