
Во интервју за емисијата „360 степени“, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерно, чисто и функционално Скопје – град што повторно ќе стане вистински дом за своите жители.
„Ова е мојата борба за Скопје како мој дом,“ вели Шукова, објаснувајќи дека нејзината програма се темели на три клучни приоритети: воспоставување на брз и еколошки јавен превоз (БРТ систем), системско управување со отпадот и реформа на јавните претпријатија.
Таа најави реализација на проектот за БРТ-системот – најзначајниот инфраструктурен проект во последните децении, кој ќе овозможи превоз на 65.000 патници дневно со нови, еколошки автобуси на траса од Ѓорче Петров до Аеродром. „Ова е решение што ќе го промени секојдневието на граѓаните – ќе донесе ред, побрз превоз и почист воздух,“ изјави Шукова.
Во делот на животната средина, таа најави модерен систем за селекција и рециклирање на отпад, со јасен распоред на собирање по денови и типови, нови камиони, контејнери и дигитална платформа за транспарентност. „Отпадот мора да го третираме како ресурс, не како проблем. Со циркуларна економија, ќе го направиме Скопје поодржлив и поздрав град,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на реформата на јавните претпријатија, кои според неа се клучниот сервис што треба да му служи на секој граѓанин. „Јавните претпријатија мора да се департизираат и да почнат да нудат квалитетна услуга. Граѓаните плаќаат и заслужуваат ред, транспарентност и отчетност,“ додаде Шукова, најавувајќи и дека ќе се заложи симболите на Скопје, како Градскиот трговски центар, да се вратат под управување на Градот.
Шукова зад себе има долгогодишно искуство во областа на животната средина и комуналните дејности, каде изгради репутација на професионалец кој знае како да спроведе системски промени. Но, истовремено, јавноста ја препознава како пристапен и искрен човек, достапна за секого, со човечка топлина и отвореност што ретко се гледа во политиката.
„Имам знаење и искуство што ќе го претворам во резултати. Верувам дека Скопје може да биде град што функционира – град што дише, расте и се грижи за своите луѓе,“ изјави Шукова во разговорот за „360 степени“.