Утрински Весник
Свет

Kако функционира вакцината на Фајзер и што се случува кога се инјектира во телото?

Kако функционира вакцината на Фајзер и што се случува кога се инјектира во телото?

Новата вакцина против коронавирусот на фармацевтскиот гигант Фајзер и германската компанија БионТех е одобрена за употреба во Велика Британија.

Според досегашните тестирања, вакцината покажала ефикасност од 95%, вклучително и 94% кај постарата популација. Вакцината е тестирана на 43.000 луѓе во шест земји и не се пријавени сериозни несакани ефекти.

Како точно вакцината влијае на нашето тело?

Вакцината е мРНА, односно транспортер на РНА генетски код. Што значи тоа? Конвенционалните вакцини се прават со употреба на ослабени форми на вирусот, но мРНА го користи само генетскиот код на вирусот.

Вакцината мРНА се инјектира во телото и состојките влегуваат во клетките „упатувајќи им порака“ да почнат да прават антигени. Овие антигени се препознаени од имунолошкиот систем и со тоа ги подготвуваат клетките за борба против коронавирусот САРС-КоВ-2.

За да се направи вакцина мРНА не е потребен вистински вирус, што значи дека производството на вакцини може да се забрза колку што е потребно.

Како резултат, мРНА вакцините се многу брзо решение за запирање на пандемијата на оваа заразна болест.

Во теорија, тие исто така можат и брзо да се модифицираат ако, на пример, вирусот мутира и започне да се менува и оригиналната вакцина покаже помала ефикасност.

Од друга страна, мРНА вакцините се многу поевтини од традиционалните вакцини. Единствената лоша страна на овие вакцините е тоа што тие треба да се чуваат на многу студени температури и потешко се транспортираат. Конкретно, вакцината на Фајзер мора да се чува на -70 степени Целзиусови.

Дали вакцината е безбедна?

Сите вакцини поминуваат низ претходно сериозно тестирање. Некои веруваат дека мРНА вакцините се всушност побезбедни затоа што не се потпираат на кој било елемент на вирусот кој се инјектира во организмот, туку само на неговиот генетски код.

Вакцините мРНА исто така се тестирани во лабораторија и врз животни пред да бидат тестирани на луѓе.

Фајзер ќе продолжи да собира податоци за безбедноста на оваа вакцина и долгорочни резултати во текот на следните две години. Велика Британија, каде за прв пат е регистрирана вакцината, веќе обезбеди 40 милиони дози, а првите 10 милиони ќе пристигнат до крајот на годината.

Пациентите ќе треба да примат две дози за да стекнат имунитет.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk