Утрински Весник
Македонија

Изземање на скопското Обвинителство за Марјан од „Доказ М“ да биде суден во фер постапка, побара неговиот адвокат

Изземање на скопското Обвинителство за Марјан од „Доказ М“ да биде суден во фер постапка, побара неговиот адвокат

Не траеше долго првото рочиште за Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“. Неговиот адвокат побара изземање на Основното јавно обвинителство – Скопје оти во постапката е засегната и обвинителка што работела таму. Според него, ако обвинителката Зорица Павловиќ остане обвинител, нема да се обезбеди фер постапка.

dobivaj vesti na viber

„Уште на 4 овој месец е поднесено барање за изземање на сите обвинители бидејќи во предметот како оштетени се јавуваат и истражители, вработени во Јавното обвинителство – Скопје. Има фотографии од Основното јавното обвинителство – Скопје, така што не е во ред тие да го процесираат овој предмет. Побаравме изземање и доделување на предметот на друг обвинител од друг град. Сметам дека така ќе се обезбеди фер постапка, како и запазување на процедурите на ЕСЧП“, порача адвокатот на Стаменковски.

Марјан од затворот во Шуто Оризари беше спроведен во Кривичниот суд, каде што му се суди за повеќе дела. Тој седна спроти шестемина оштетени за кои Обвинителството рече дека биле цел на порталот, чиј сопственик е тој. Меѓу нив се и новинарката Валентина Вурмо и уредничката Ирена Мулачка од „Фокус“. Судијката Марија Клетничка-Марковска ја исклучи јавноста по барање на обвинителката Павловиќ.

Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.

„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023 година, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.

Обвинителството бараше продолжување на притворот за да се заштитат жртвите.

„Со оглед на тоа што сè уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.

Можете да прочитате

Поплава од македонски знамиња на профилите на функционерите од СДСМ

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме