Предозирањето со дрога кај младите од 10 до 18 години се зголемило повеќе од двојно во САД меѓу 2019 и 2021 година, според студијата објавена од здравствените власти, кои конкретно предупредуваат на ризиците од фалсификуваните апчиња фентанил.
Просечната месечна стапка на предозирање кај адолесцентите се зголемила за 109 проценти помеѓу 2019 и 2021 година, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Бројот на предозирање со нелегално произведен фентанил е зголемен за 182 отсто. Употребата на недозволени дроги меѓу адолесцентите се намалила во целост во истиот период, што укажува на тоа дека зголемувањето на смртните случаи најверојатно се должи на посилните дроги, а не на почестата употреба, се вели во студијата.
Фентанил, синтетички опијат кој создава зависност, лесно се произведува во лабораторија по ниска цена. Лекот го преплави американскиот пазар во последниве години. Според студијата, околу една четвртина од предозирањето кај адолесцентите биле поврзани со фалсификувани таблети кои често се продаваат како оксикодон, лек за болка или алпразолам, лек за анксиозност познат под брендот „Xanax“.
„Пролиферацијата на фалсификувани таблети е од особена загриженост со оглед на тоа што маркетингот е насочен кон тинејџерската популација и дека таквите таблети се достапни преку социјалните мрежи“, се вели во извештајот на ЦДЦ.
Просечната месечна стапка на смртност беше 32,5 помеѓу јули и декември 2019 година. Тоа скокна на 68 месечно во истиот период во 2021 година, што претставува зголемување од 109 проценти. „Потребни се итни напори за да се спречат смртни случаи од предозирање кај адолесцентите“, предупреди ЦДЦ.
Меѓу неопходните мерки ЦДЦ го наведе зајакнувањето на превентивните кампањи кои предупредуваат на опасноста од фалсификуваните таблети, но и ги освестуваат адолесцентите за постоењето на тестови за откривање на присуство на фентанил. Се препорачува и едукација на младите за противотровот налоксон, кој може да ги блокира ефектите на опијатите и може да се користи во случај на предозирање.