Утрински Весник
Македонија

Изречена казна затвор од една година во првата осудителна пресуда во Македонија за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација 

Lgbti Logo.png

Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар, против лицето С.М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем” од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 г. донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.

Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем” од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.

Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.

Скопскиот Квир Центар ја поздравува одлуката на судот кој демонстрираше дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па Квир Центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор