Најмалку 20 лица загинаа кога израелската армија бомбардираше место каде што луѓето чекаа во ред за да добијат храна од хуманитарна помош, соопшти Министерството за здравство во Газа.
Во нападот се повредени 150 луѓе, а повеќе од десетина се во критична состојба, се наведува во соопштението за печатот, во кое се нагласува дека бомбите биле фрлени додека илјадници луѓе очајнички се обидувале да добијат хуманитарна помош, пренесува Си-Ен-Ен.
Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал-Кидра, рече дека бројот на жртвите „веројатно ќе се зголеми“ бидејќи болниците немаат капацитет да им помогнат на ранетите, а цивилната одбрана на Газа ги опиша повредите како „неверојатни“.
Светската здравствена организација соопшти дека ситуацијата со храната во Газа е „апсолутно ужасна“, при што хуманитарните работници велат дека ретките испораки на храна ги разграбуваат луѓето „кои очигледно умираат од глад“.
Висок претставник на Обединетите нации денеска повика да се преземат сите мерки за заштита на цивилите, по вчерашниот напад во кој најмалку 20 лица загинаа при гранатирање на тренинг центарот на ОН, во кој беа сместени илјадници раселени Палестинци.
Томас Вајт, еден од директорите на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток, рече дека ситуацијата во Кан Јунис, каде што се случи нападот, покажува „конзистентен неуспех да се почитуваат основните принципи на хуманитарното право“.Тој изјави дека покрај 20-те загинати, во нападот на центарот на Обединетите нации се повредени и најмалку 75 лица.