Утрински Весник
Свет

Израел започна копнена офанзива за заземање на градот Газа

Gaza.jpg

Израел започна копнена офанзива доцна во понеделник, обидувајќи се да го заземе градот Газа по неколку недели силно бомбардирање.

Локалните медиуми објавија дека израелските тенкови влегле во градот по масовните воздушни напади.


„Газа гори“, изјави рано во вторник израелскиот министер за одбрана Израел Кац, додавајќи дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) удираат „со железна тупаница врз терористичката инфраструктура“. ИДФ сè уште не издал официјален коментар за операцијата.

Нападот на Израел во градот Газа означува ескалација во неговата кампања против палестинската милитантна група Хамас, која постојано се интензивираше во последните недели.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно го опиша заземањето на градот како клучно за победата над Хамас, чии милитанти убија 1.200 луѓе и зедоа 251 заложник за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година. Властите велат дека 48 заложници остануваат во Газа, од кои се верува дека 20 се живи.

Минатиот вторник, Израел ги прошири своите операции со воздушен напад насочен кон лидерите на Хамас во Катар. Истиот ден, Нетанјаху нареди целосна евакуација на градот Газа, предупредувајќи дека „ова е само почеток на засилениот копнен маневар“.

До понеделник, околу 300.000 жители на градот избегаа кон југ, додека околу 700.000 останаа, објави „Џерусалем пост“.

Според Министерството за здравство на Газа, кое е под владата предводена од Хамас, повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во израелскиот напад. Агенциите на ОН и независните експерти ги сметаат записите за жртви на министерството за генерално веродостојни. Меѓународните монитори предупредуваат дека гладот ​​се проширил во делови од енклавата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на почетокот од неговото судење за корупција потврди дека Израел започнал „интензивна операција во градот Газа“. 

Нетанјаху ја даде изјавата како дел од барањето да биде ослободен од неговото редовно закажано сведочење поради, како што рече, „важни работи што се случуваат“, објави „Тајмс оф Израел“. Израелскиот премиер не ги прецизираше деталите за операцијата.

Претходно израелски воен функционер, само неколку часа откако американскиот државен секретар се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим и му рече дека Вашингтон стои зад Израел потврди дека Израел започна операција за преземање на контролата врз Газа.

Можете да прочитате

ЕУ до Израел: Запрете ја офанзивата во Газа, се подготвуваат нови санкции

Путин дојде во униформа на големата воена вежба на источната граница на НАТО

Трамп: Голем проблем е што земјите од ЕУ и НАТО купуваат руска нафта