Израелските одбрамбени сили (ИДФ) нападнаа голем број истакнати припадници на терористичкото движење Палестински исламски џихад (ПИЈ) во воздушните напади во Појасот Газа рано утринава, како дел од новата операција „Штит и стрела“, пренесува „Џерусалем пост“.
Меѓу терористите кои беа цел на ИДФ се командантот на бригадите Ал Кудс во северниот дел на Појасот Газа, функционер одговорен за терористичките активности на Западниот Брег и секретарот на воениот совет на Исламски џихад.
Дванаесет лица се убиени, а најмалку 20 се ранети во израелските воздушни напади во Газа придружени со рации на окупираниот Западен Брег, соопштија палестинските здравствени власти и израелските безбедносни претставници.
Палестинските власти во Газа тврдат дека најмалку шест од убиените се цивили, меѓу кои и жени и деца.
Израелската војска соопшти дека двајца команданти на Исламски џихад, втората најмоќна група во Газа која е под управа на Хамас, загинале во воздушните напади чија цел, покрај командантите, биле локации за складирање и производство на муниција. Третиот командант на милитантите бил убиен на окупираниот Западен Брег.
Бригадите Ал Кудс, вооруженото крило на Исламски џихад, ја потврдија смртта на тројца свои команданти, кои биле убиени со своите семејства.
Убиени се Калил Бахитини, командант на бригадите Ал Кудс во северниот дел на Појасот Газа, Тарек Езалдин, портпарол на движењето кој ги организирал терористичките активности на Западниот Брег и Газа, и Џихад Ганем, секретар на воениот совет на Исламски џихад.
Терористичката група се закани дека ќе одговори на бомбардирањата со свои напади, а Хамас истакна дека Израел ја ескалира својата агресија врз Појасот Газа.
Според Националниот портал за итни случаи, Израелците наводно биле ставени во состојба на готовност неколку часа пред нападот. Тие добиле инструкции да останат во близина на означените засолништа во појасот од 40 км од границата со Појасот Газа.
Денешните воздушни напади се најновиот инцидент во зголемено насилство последнаца година, обележана со континуирани напади на ИДФ, ескалација на насилството кај доселениците на окупираниот Западен Брег и низа палестински улични напади.
Од јануари досега се убиени повеќе од 90 Палестинци и најмалку 19 Израелци и странци.