Преку катарските и египетските власти, Израел му понуди на Хамас пауза во борбите во Појасот Газа што би траеле до два месеци, во замена за ослободување на сите заложници во енклавата, пренесува порталот „Аксиос“, повикувајќи се на двајца израелски функционери кои велат дека воениот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху пред десет дена ги одобрил параметрите на новиот предлог за заложнички договор, кои се разликуваат од минатите договори кои Хамас ги отфрли.
Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на мртвите заложници во неколку фази.
Во првата фаза ќе бидат ослободени жени, мажи над 60 години и заложници кои се во критична здравствена состојба, а потоа ќе бидат ослободени женски војници, машки цивили помлади од 60 години, машки војници и тела на загинати заложници.
Овие фази би се одвивале во период до два месеци.
Израелските власти рекоа дека предлогот вклучува делумно прераспоредување на израелските одбранбени сили од најнаселените центри во енклавата и ќе овозможи постепено враќање на палестинските цивили во градот Газа и северниот дел на Појасот Газа додека трае размената
Сепак, официјалните лица забележуваат дека предлогот јасно покажува дека Израел нема да се согласи на прекин на огнот, ниту ќе ги ослободи сите 6.000 палестински затвореници од израелските затвори, но дека Тел Авив е подготвен да ослободи значителен број затвореници доколку Хамас се согласи на договор.
Официјални лица, исто така, признаваат дека операциите на ИДФ во Газа ќе бидат значително помали по двомесечната пауза доколку Хамас се согласи на тоа.