Утрински Весник
Свет

Израел ги засили нападите врз Рафа, се заканува нова хуманитарна катастрофа, Франција повика на итно запирање на воените операции

Rafa 1.webp.webp

Израелските сили и покрај меѓународните предупредувања ги засилија нападите врз Рафа, од каде досега побегнаа околу 110.000 луѓе. Во тек се жестоки борби во јужниот дел на Рафа. Израелските тенкови навлегуваат подлабоко во градот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ја продолжува борбата против Хамас, како што наведе, „дури и ако остане и сам“.

– Ако треба да стоиме сами, ќе застанеме сами. Ќе се бориме со нокти и заби. Денес сме многу посилни. Одлучни сме и обединети да го победиме нашиот непријател и оние кои сакаат да не уништат, изјави Нетанјаху.

Израелскиот воен кабинет одобри проширување на областа на операции во Рафа. Неименувани извори за американските медиуми изјавиле дека тоа ќе биде одмерено проширување, кое нема да ја премине црвената линија на американскиот претседател Џо Бајден.

Агенциите за помош на Обединетите нации претходно предупредија дека намалувањето на резервите на храна и гориво може да ги запре операциите за помош во рок од неколку дена во Газа, бидејќи главните премини се затворени, што доведува до затворање на болници и дополнителна неухранетост.

Генералното собрание на Обединетите нации ја одобри резолуцијата за проширување на палестинските права во Светската организација. Резолуцијата го повикува Советот за безбедност да ја преиспита палестинската апликација за членство во Обединетите нации. САД досега го блокира секој обид со вето.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, пак, најави дека Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро и официјално ќе ја признаат Палестина, што, како што рече, може да ги поттикне и другите членки на Унијата да го сторат истото.

Во меѓувреме, Франција го повика Израел веднаш да ја прекине воената операција во Рафа. Француското Министерство за надворешни работи го повика и на итно отворање на преминот Рафа кон Египет, кој од пред неколку дена е под израелска контрола.

Париз изрази жалење за започнувањето на израелската воена операција во Рафа и ги повика израелските власти „да направат се што е можно за да обезбедат заштита на цивилите и да гарантираат пристап до хуманитарна помош, во согласност со меѓународното право“.

Можете да прочитате

Новиот лидер на Сирија вели дека целото оружје ќе биде ставено под државна контрола

Нетанјаху со закана дека ќе дејствува насилно и решително против бунтовниците во Јемен

Путин во Кремљ се сретна со словачкиот премиер Роберт Фицо