
Деновиве од печат излезе книгата „Аспекти на југословенско – турските односи и соработка (1925–1945–1991)“ од истражувачот Салим Кадри Керими – прва обемна студија, на македонски јазик, посветена на дипломатските релации меѓу Југославија и Турција, во наведениот период.
Книгата е структурирана во четири главни поглавја, кои ја опфаќаат динамиката на југословенско – турските односи од 1918 до 1991 година. Авторот се фокусира на клучните дипломатски настани, како што се посетата на кралот Александар I во Истанбул, двете официјални посети на претседателот Тито на Турција, официјалните посети на турскиот претседател Џелал Бајар и премиерот Аднан Мендерес на Југославија, и други, потпишувањето меѓу двете земји на значајни договори, вршејќи истовремено анализа на политичките и културните фактори што ја обликувале оваа соработка.
Посебна, односно дополнителна вредност на овој труд претставува третотото поглавје, во кое за првпат е прикажана детална слика за учеството на Народна/ Социјалистичка Република Македонија во југословенско – турските односи и соработка. Керими ја прикажува Македонија како активен субјект на дипломатски контакти – преку посетите на турски државници, до процесите против Организацијата „Јуџел“ и на масовното иселување на турското и другото муслиманско население, кое оставило силни демографски и општествени последици.
Според рецензентот на овој труд, проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ, оваа книга на авторот Керими е: „… исклучително релевантна за историјата на Македонија и за современата македонска дипломатија која и понатаму ќе претставува референтна студија за идни истражувања. Нејзината вредност е и академска и општествена. Пред нас е книга која не само што информира, отвора нови прашања и дава одговори, туку и иницира нови истражувања“.

