Припадник на затворската полиција е ранет, а затвореник во „Идризово“ е во бегство.
Ова е резултат на грабнувањето кое се случило во текот на ноќта, при спровод на затвореникот со висок безбедносен ризик од затворот до болница. Затворската полиција била пресретната од неколку вооружени лица, комбето со кое се транспортирал затвореникот било застанато, имало пукање, полицаец е ранет во бешиката.
Затвореникот бил изваден и заедно со вооружените лица се дал во бегство.
Акцијата за бегство била планирана. На тоа укажува фактот што вооружените лица точно знаеле кога ранетиот затвореник ќе биде спроведен во болница, го знаеле возилото, а иако не потврдено, веројатно имале и дополнителни информации како што се бројот на полицајци кои ќе го носат затвореникот на лекување и трасата на движење.
Затвореникот неофицијално, сам си нанел рана, поради која барал лекување. Непознато и нејасно е дали била повикана Брза помош или тој директно бил транспортиран.
„А1он“ побара информации од Управата за извршување санкции за тоа кој бил дежурен командир во текот на смената кога се случило грабнувањето, дали е точно дека избеганиот затвореник одлежува казна за убиство, како и колку полицајци го правеле спроводот. До објавување на веста, оттаму нема одговор.
Од МВР најавија информации во најкусо можно време.
Во интервју за „А1он“ Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции призна дека во затворите владее ендемска корупција.
Акцијата за бегство на затвореникот и кај надлежните органи го остави сомнежот дека е координирана со лица од затворот, со оглед на информациите кои ги поседувале вооружените лица.
Ова е само еден од низата инциденти кој се има случено во изминатите месеци, а поврзан со затворскиот систем.