Ние сме против законите за родова еднаквост и матична евиденција, велат за „Макфакс“ од Исламската верска зедница.
„Заедно со сите верски заедници излеговме со заеднички став на 07.05, а тоа е дека сме против законите. Никој нема да дојде на протестите и нема да повикаме на учество на иситите“, истакна Агрон Војнику.
„Не сме консултирани, празник ни е, никој не не информираше и никој не не консултираше, а кога не си консултиран не можеш да кажеш дали стоиш или не стоиш зад протестот. За нас е Бајрам и ние денеска го славиме празникот“, потенцира Војнику.
Поглаварите на МПЦ – ОА, ИВЗ, КЦ, ЕМЦ и ЕЗ, во своето вчерашно соопштение, поттикнати од најавата за донесување на Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, изразија загриженост за иднината и безбедноста на верниците, а посебно за жените и децата.
„Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата! Впрочем, нашата најголема загриженост се однесува на намерата, овој Закон да ги опфати и малолетните лица, односно децата. Промовирањето на различни родови идентитети и „флуидноста“ помеѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст“, пишува во нивното соопштение.
Тие повикаа на повлекување на Предлог-законите и оставање временски простор за нивно сериозно проучување, за запознавање со сите последици по психолошкото здравје на младите и за активно вклучување во разработката на такви закони на сето општество, а, пред сѐ, на родителите и на сета стручна јавност.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија, денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.