Горан Иванишевиќ, тренерот на Новак Ѓоковиќ, е убеден дека српскиот тенисер ќе освои барем уште неколку гренслем титули. За Хрватот, тој е најдобриот тенисер во историјата.
„Според резултатите, за мене Новак е најголем во сè. Роџер можеби го играше најатрактивниот тенис. Сите станаа неверојатни играчи. Прво Роџер, потоа Рафа, па дојде и Новак, ривалството меѓу нив беше големо. Тие го направија тенисот подобар.Сепак, ако треба да изберете некого, за мене тоа е Новак“, изјави шампионот на Вимблдон од 2001 година.
Тренерот на Ѓоковиќ прогнозираше и колку гранслем титули би можел тој да освои до крајот на кариерата.
„Според начинот на кој се грижи за своето тело, би рекол дека може многу повеќе. Не знам дали ќе има мотив да продолжи до 40. година, тоа е една работа. Мислам дека може да игра на високо ниво уште две до три години. Можеби ќе освои 26 или 27 гранслем титули, којзнае? Може да освои уште два трофеи оваа година и би било неверојатно ако стигне до Златниот слем. Немам кристална топка, но тој е здрав, фит, игра неверојатен тенис и е мотивиран за секој нареден турнир“, изјави Горан Иванишевиќ.