Претставникот на десничарската партија „Браќа на Италија“, Галеацо Бигнами, кој предизвика контроверзии во 2016 година, откако еден весник објави фотографија на која носи нацистичка свастика на левата рака, е именуван за заменик-министер за инфраструктура.
Премиерката Џорџија Мелони, која денес лично на прес-конференција го објави назначувањето на Бигнами, е лидерка на „Браќата на Италија“ – партија која влече корени од постфашистичкото италијанско социјално движење (МСИ).
Бигнами беше избран за втор мандат во парламентот минатиот месец. Тој долго време беше дел од италијанската радикална десница, но дел од својата политичка кариера помина во поумерената партија „Напред Италија“ на поранешниот премиер Силвио Берлускони.
Денеска тој рече дека е длабоко засрамен од фотографиите и остро ја осудува секоја форма на тоталитаризам, нарекувајќи го нацизмот и секое движење поврзано со него апсолутно зло.
Мелони не ја коментираше фотографијата од 2016 година, но во неколку наврати ги осуди озлогласените расистички, антиеврејски закони донесени од диктаторот Бенито Мусолини во 1938 година, а минатата недела во парламентот кажа дека никогаш не чувствувала симпатии за фашизмот.
„Отсекогаш сметав дека антисемитските расни закони од 1938 година се најниска точка во италијанската историја, срам што ќе ја оцрни нашата нација засекогаш“, рече таа во парламентот. Бигнами ќе служи под лидерот на десничарската партија Лига, Матео Салвини, кој е министер за инфраструктура и вицепремиер.