
Основното јавно обвинителство Тетово поведе истражна постапка против четири лица по извршените претреси во тетовското село Брвеница, при што беа пронајдени наркотична дрога и оружје. Тројца од осомничените се товарат за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, согласно член 396 од Кривичниот законик. Кај едно лице бил пронајден пиштол со два куршуми во рамка и дополнителни 20 куршуми за автоматска пушка.
Кај вториот осомничен полицијата открила вкупно 55 куршуми, од кои 53 биле боева муниција забранета за граѓаните, додека кај третиот бил пронајден пиштол без шаржер. Четвртото лице е осомничено за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 од Кривичниот законик, откако при претрес кај него биле пронајдени 3,15 грама кокаин. По истекот на 48-часовниот притвор за обезбедување докази, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени, додека за едно лице се предложени мерки на претпазливост.

