
„Станувам во 5 часот наутро. Го будам моето седумгодишно дете, го облекувам за училиште, а тоа ми вели: ‘Мамо, зошто одиш на болница во темното?’ Му одговарам: ‘За да завршам порано и да се вратам дома.’ Ама не е така…“
Ова е само дел од потресната исповед на Вања Андонова, пациентка на Онкологија, која на својот профил на социјалните мрежи ја опиша тешката и сурова реалност со која секојдневно се соочуваат пациентите со малигни заболувања во Македонија. Таа, како и многу други пациенти, патува од Струмица до Скопје за да ја добие неопходната терапија, но патувањето и лекувањето повеќе наликуваат на битка за опстанок отколку на здравствена нега.
Чекање од темно до темно
За пациентите на Онкологија, денот започнува пред изгрејсонце и завршува длабоко во ноќта. Вања сведочи како остава две малолетни деца сами дома и заминува на долг пат до главниот град, само за да биде дел од бескрајните редици пред лабораториите, амбулантите и кабинетите.
„Цел ден од темно до темно ги оставам децата сами, затоа што мора. Иако одам порано за да завршам порано, тоа никогаш не се случува. На секоја врата се чека долго. Затоа што цела Македонија сме во една клиника.“
Пациентите кои се борат за својот живот чекаат со часови за анализа на крв, бидејќи постои само една лабораторија што треба да опслужи стотици луѓе. По тоа, следи друго долго чекање за дневната амбуланта, каде што треба да се одобри терапијата. Иронијата е што, дури и во толку важен сектор како онкологијата, секој чекор во процесот на лекување е товар за пациентите.
Недостаток на персонал, несоодветни услови
„Докторите и сестрите работат без паузи, само за да успеат да се погрижат за сите пациенти. Но, тоа не е доволно – многу медицински сестри си заминаа, бидејќи работеа без плата и без решенија. Сега, пациентите кои доаѓаат само за инекции мораат да чекаат заедно со нас кои сме на хемотерапија. Ходниците се тесни, нема доволно столици, некои пациенти седат на скалите.“
Проблемот со недостатокот на медицински персонал е еден од најголемите предизвици. Медицинските сестри кои останале работат со преголем обем на работа, додека условите во болницата се под секое ниво.
„Кога ќе добиеме бројче, може да биде 29, 39, 55… Се прашуваш кога ќе дојдеш на ред. И така, тргаш од дома во темница, се враќаш во темница.“
Државата го игнорира проблемот, пациентите бараат одговорност
Најголемата горчина во сведоштвото на Вања е фактот што пациентите не само што страдаат од болеста, туку и од системот кој не функционира.
„Некој мора да мрдне со прсти и да активира мозок! Доста крадете! За што ви се парите? Ќе купувате уште џипови? Ќе градите згради? Ќе бидете моќници? Ќе не гледате од високо? Единствениот што гледа од високо е Бог, и за вас и за нас. Ние се мачиме од вашата незаинтересираност за ништо!“
Пациентите се принудени да бараат донации за лекување во странство, бидејќи здравствениот систем не може да ги задоволи нивните основни потреби.
„Ако имавте осет, ќе се срамевте сами од себе. Засрамете се сите, без разлика на партија! Во секој град треба да има барем една онколошка соба, да се обучи персоналот. Во светот тоа е нормално. А кај нас? Ги бркате младите во странство, никој не остана! Никој!“
Критична потреба од нова опрема и подобрување на услугите
Како посебен проблем, таа го истакнува недостатокот на медицинска опрема, особено за снимања како ПЕТ-скен, кои се клучни во одредувањето на состојбата на пациентите.
„Имаме само ЕДЕН апарат за ПЕТ-скен. Само еден! А кој понапред да се снима? Бројот на заболени е енормно зголемен, требаат уште апарати. Ако некој се расипе – чекаме месеци. Ако нема реагенси – чекаме со месеци. Ќе се шетаме од град до град со врски за да се снимиме!“
Повикување на итна акција
Исповедта на Вања не е само лична приказна – таа е глас на сите пациенти кои секојдневно се борат не само со болеста, туку и со нефункционалниот здравствен систем.
„Аман! Некој нешто да направи за овој народ! Додека луѓето умираат, вие уште крадете и крадете…“
Нејзините зборови се повик за итна акција. За реформа на здравството. За нова опрема. За повеќе болнички капацитети во градовите низ Македонија. За запирање на егзодусот на медицинскиот персонал. И пред сè – за хуманост и одговорност.
Ќе има ли кој да слушне?